Шефот на државата, во интервју за ТВ 21, зборуваше за реакциите на меѓународната заедница за чекорот на премиерот по вториот изборен круг
Изненадувањето кај меѓународната заедница беше мошне големо, рече претседателот Стево Пендаровски, во интервју за ТВ21, пренесувајќи ги реакциите по оставката на македонскиот премиер Зоран Заев, по вториот круг од локалните избори.
„Сега ќе си дозволам мала индискреција. Имав една мала средба, тоа се куси средби од нога, со германската канцеларка Ангела Меркел, која неколку пати ме праша за мотивите на оставката. Дали вие мислите дека тоа беше вистински потег? Мојот одговор беше ‘се разбира дека не’, а тоа му го пренесов и на Заев по враќањето. Се разбира дека не. Заради губење на една, две, три, пет или десет општини, заради губење на локални избори, независно што сте ветувале претходно, ова е едно друго ниво во политиката. Вие водите држава имате мандат од четири години, соема легитимно добиен, и не можете ни на половина од тој мандат да кажете јас си заминувам поради Скопје, Прилеп или Куманово“,
рече Пендаровски, кој учествуваше на самитот за климата во Глазгов, во периодот кога Заев ја поднесе оставката.
Пендаровски рече дека истото прашање му го поставил и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Генералниот секретар на НАТО, надвор од неговиот карактер, два пати ми го постави истото прашање. Час, час и половина, бидејќи бевме во една од тие претпростории во кои се подготвувавме за сесиите, и постојано ме прашуваше, зошто? Му реков, не е лошо да се слушнете со Заев директно. Така што изненадувањето беше големо од страна на меѓународната заедница, бидејќи знаете дека изминативе неколку години Заев беше мошне позитивно примен“,
рече Пендаровски.