По посетата на Тајван, претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси полета кон нејзината следна станица од патувањето во Азија, Јужна Кореја, пренесе ДПА.
Претходно, таа се сретна со активисти за човекови права, вклучувајќи го и поранешниот лидер на кинеското демократско движење, Вуер Каикси, што беше крваво потиснато во 1989 година.
Пелоси се сретна и со поранешниот продавач на книги во Хонгконг, Лам Винг-ки и со социјалниот активист Ли Минг-чи, двајцата кои беа затвореници во Кина, во паркот за човекови права и култура Џингмеј. Ли само што се врати во Тајван од Кина, откако отслужи петгодишна затворска казна за „уривање на државната власт“.
Дискусијата, која ја следеа и други претставници за човекови права, се фокусираше на тоа како човековите права може да се промовираат во Кина, Хонгконг и особено во регионот Ксинџијанг, појаснија учесници.
Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Пелоси, го напушти Тајван откако пристигна вчера да се сретне со претседателот Цаи Инг-вен.
Посетата на Пелоси ја налути Кина, која го гледа самоуправниот остров како отцепена провинција што сака да ја преземе.
Кина, пак, одржува воени операции во близина на брегот на Тајван. Овие вежби Тајван ги нарече прекршување на конвенциите на ОН и вели дека тие претставуваат воздушна и морска блокада против островот.