Властите во Пекинг објавија дека во изминатите 24 часа нема нови случаи на заразени со ковид-19 во кинескиот главен град.
Ова е првпат да нема пациенти од почетокот на јуни, кога нагло почна да расте бројот на заразени во Пекинг, а како жариште беше посочен пазарот на големо. По ова беа воведени строги карантински мерки на цели квартови во Пекинг.
Властите сѐ уште истражуваат што доведе до повторно појавување на епидемијата.
Неименуван претставник на пазарната администрација за локалните медиуми изјавил дека, наводно, вирусот е пронајден на штиците за сечење увезен лосос.
Кинеските власти веднаш спроведоа масовно тестирање на жителите на 20-милионскиот главен град.