Ситуацијата со вирусот во градот се оценува како сериозна
Пекинг повторно воведува строги рестриктивни мерки поради новиот бран на коронавирусот, а властите апелираат до граѓаните да не ги напуштат своите домови, пренесува весникот „Саут Чајна морнинг пост“.
Како што пренесува МИА, сите основни и средни училишта во градот ќе бидат затворени, а учениците ќе продолжат со настава од дома. Универзитетите, исто така, се затвораат, како и сите забавни и спортски објекти.
Ситуацијата со вирусот во градот се оценува како сериозна.
„Властите на кинеската престолнина апелираат до граѓаните да не го напуштат градот, а во случај на итна потреба мора да приложат потврда дека не се заразени“,
изјави заменик секретарот на Владата на Пекинг, Чен Беи, посочувајќи дека тестот не смее да биде постар од седум дена.
Пред неколку дена, на еден од најголемите пазари во градот беше откриено ново жариште на коронавирусот. Претставник на главниот град изјави дека сите новооткриени носители на коронавирусот го посетиле кванташкиот пазар, така што сега се целосно изолирани 11 населби околу пазарот.
Во Пекинг вчера беа регистрирани нови 27 заразени со ковид-19, откако два месеци кога немаше ниту еден случај на заболување. Од 11 јуни вкупно 106 заразени пациенти се наоѓаат во целосна изолација во болниците низ градот.