Ставот на Трајанов не е нов, но е прв по денешната средба со претседателот Стево Пендаровски, каде освен лидерот на ДС, присутни беа и лидерите на ДОМ и на ЛДП, уште два помали коалициски партнери во власта кои имаат резерви за францускиот предлог
Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, вечерва изјави дека нема суштински промени меѓу првиот и актуелниот француски предлог за надминување на спорот со соседна Бугарија. Својот став го даде во интервју за ТВ Сител, пренесе МИА.
Трајанов, кој е дел од владејачката коалиција, изјави и дека сепак предлогот бил само драфт-верзија.

„Треба да се направат напори да не биде дел од преговарачката рамка се што е наметнато од бугарска страна. Треба да ги имаме истите критериуми како и сите други земји што ги имале. Потребно е да се види и чуе и гласот на народот дали ќе го прифати тоа или не. Владата треба да респектира дека и многу од клучни експерти имаат сериозни забелешки на францускиот предлог“,
рече Трајанов во интервју за ТВ Сител, пренесува МИА.
Трајанов нагласи и дека Демократски сојуз инсистира да има широка расправа и граѓаните да бидат запознаени со предлогот и додаде дека се разговара и за идеја да се формира парламентарно меѓупартиско работно тело кое ќе подготви и усогласи заклучоци кои ќе бидат понудени на собраниска седница и потоа да почне расправа.
„Таа работна група треба да биде формирана што е можно побрзо и веднаш да почне да работи на заклучоци кои ќе бидат понудени на Парламентот. Ако се отфрли преговарачката рамка сите партии да имаат заедничка одговорност“,
посочи Трајанов.
Како најконтраверзен дел го оцени протоколот кој се уште се усогласува меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.
„Треба да се направат и одредени корекции во преговарачката рамка и сите билатерални прашања да бидат решени преку преговори и да бидат на реципрочна основа. Против тоа сум да се разговара со Бугарите за македонските револуционери. Ако Бугарите го чувствуваат некој дека е Бугарин нека го слават, но треба да се тргнеме од заедничкото славење на историските личности. Историските прашања исто не можат да бидат дел од преговарачката рамка“,
рече Трајанов.
Ова не првпат Павле Трајанов да го искаже своето противење на францускиот предлог, но е прв негов јавен настап со критички однос кон прашањето по денешната средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски. На таа средба, освен Трајанов, беа присутни и лидерката на ДОМ, Маја Морачанин, и лидерот на ЛДП, Горан Милевски а темата на средбата беше токму понуденото решение за спорот со Бугарија и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Сите три партии засега имаат резервиран став кон францускиот предлог. Во меѓувреме, партијата на европски либерали и демократи, каде членува ЛДП, го поздрави предлогот.