Mолиме Бога инспекторите да бидат здрави и живи и да издржат да ги завршат сите работни задачи што ни се дадени, вели првиот човек на пазарниот инспекторат за недостатокот на вработени
Работите тргнаа од мртва точка, Владата вети дека наредната година ќе ни бидат одобрени барем 20 нови вработувања, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, коментирајќи го недостатокот на инспектори.
„Одговорно ви кажувам дека работите тргнаа од мртва точка. Преку Инспекцискиот совет, не само за пазарниот, туку и за другите инспекторати, направена е анализа за потреба на нови инспектори. Ние можеби имаме вишок администрација, од која не можеме да земеме кадар за инспекцискиот оддел. Она што Владата го презема е дека наредната година ќе ни излезе во пресрет и ние ќе ги добиеме барем тие 20 нови вработувања, претежно на инспектори“,
истакна Пауновски.
Пауновски упати благодарност до медиумите што го отвориле прашањето за проблемите со кадровската екипираност. На прашањето како се снаоѓаат да одговарат на работните задачи со помалку инспектори од што им се потребни, Пауновски вели:
„Сите инспектори молиме Бога да бидат здрави и живи и да издржат и да ги завршат сите работни задачи што ни се дадени. Се што ни е дадено како задача, се трудиме максимално да го испочитуваме и да ја завршиме работата како што треба. Не постои место каде инспекторите не пристапуваат и каде е потребна, контрола, а таа да не е извршена. Затоа и можеби и во последните недела дена намалени се и кривичните пријави, бидејќи и луѓето сфатија дека инспекторите се на терен, дека треба да ги почитуваат протоколите. Она што ни се случува со прекубројноста на новозаразени и починатите, почна полека да ја враќа свеста кај граѓаните и кај стопанските субјекти кои се предмет на нашите контроли“,
истакна Пауновски.
Колку се вработуваат, толку одат во пензија
„360 Степени“ веќе информираше за недостаток на вработени во речиси сите инспекторати, што го нотираше и Државниот завод за ревизија во својот извештај. Меѓу оние кои стојат најлошо е токму Државниот пазарен инспекторат кој по систематизација лани имал 293 вработени, но на платен список имало 140, или 48% од потребното.
Додека за наредната година се најавуваат 20 нови вработувања, исто толку вработени до крајот на 2020 година треба да одат во пензија.
За ова информираше претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска во изјава „360 Степени“. Сепак, таа уверува дека испразнетите места полека се дополнуваат и дека со новите законски измени донесени минатата година кадровското екипирање ќе биде полесно, а професијата инспектор ќе биде поплатена.
„Пред нас останува да се пополнат оние места што ќе се испразнат оваа и следната година и потоа веќе не се очекува толку голем природен одлив. Така што, сите наредни вработувања ќе бидат за зголемување на капацитетите, а не за пополнување на оние работни места кои што се празнат поради пензионирање“,
рече Филиповска-Грашкоска за „360 Степени“.
И според денешната статистика за бројот на инспекциски контроли извршени од 19 до 25 октомври, најголем број од вкупно 3 959 кои ги регистритал Инспекцискиот совет, се извршени од Пазарната инспекција – 2 523, и тоа за да се провери почитувањето на здравствени протоколи, работата на угостителски објекти, почитување на законите за трговија, за заштита на потрошувачи, за угостителска дејност и за заштита од пушење.
Поднесени се 19 прекршочни пријави и 8 кривични пријави за непочитување на ковид – протоколите и материјалните закони, а издадени се 66 решенија и 29 платни налози.