Единствената заразена пациентка во земјава со коронавирус е во добра состојбата, веќе трет ден нема температура и почнува раната фаза на заздравување, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на попладневната прес-конференција.
Во изминатото деноноќие нема нови лица што пријавиле симптоми, а за оние што се во домашна изолација карантинот се одвива без проблеми.
Иако немаат симптоми, во изолација ќе бидат ставени и двајца македонски доктори кои биле на конгрес во Мадрид, каде што за еден од предавачите е утврдено дека има коронавирус.
„Преку Светската здравствена организација (СЗО) вчера бевме известени дека двајца наши колеги престојувале на конгрес во Мадрид, каде што кај еден од предавачите било потврдено дека е заразен. Двајцата доктори од Мадрид во земјава стигнале доцна во саботата, а вчера биле дома. Тие денеска ќе бидат тестирани на клиниката, а потоа ќе им биде пропишан здравствен надзор во домашен карантин од 14 дена. Со оглед на тоа што тие укажуваат дека немале контакти со тој предавач или со некој друг таму што е заболен или има симптоми и со оглед на малата експоненција од само ден и пол, сметаме дека е мал ризикот тие да бидат заразени или уште помалку тие да станат преносители. Практично, нема временски интервал за кој можат да станат вирулентни. Но, за секој случај, ги препорачуваме овие мерки“,
рече Филипче.
Во врска со патници што со автобуси преку Табановце и аеродромите во Скопје и Охрид пристигнуваат во земјава, министерот вели дека нема податок за ниту едно лице дека има симптоми кое било во контакт со некој заболен и сл.
Во тек е и набавката на дезинфекциски средства и се очекува утре да биде потпишан договор. Тестови за коронавирус, рече министерот, има околу 1 000 што е доволно.
Засега нема најави дали Владата ќе ја продолжи препораката за откажување на јавни настани и собири која се однесува до 6 март. Но, како што рече министерот, ако нема нови заразени, ако тие што се во изолација не покажат симптоми и доколку во земјава не влезат други лица што се во т.н. ризична група, препораката веројатно ќе се укине.
Филипче смета и дека нема причина да се воведат порадикални мерки, како што е случајот со Хрватска, односно привремено укинување на здравствениот туризам.