Заменик-директорката на Клиничката болница, Билјана Ефтимова, информира дека помеѓу 15 и 20 хоспитализирани пациенти од ортопедија се веќе безбедно сместени и префрлени по другите одделенија

Клиничката болница-Штип денеска упати известување до сите болници и здравствени домови во Источниот Регион во наредните неколку дена да не ги препраќаат или транспортираат пациентите со скршеници на штипското Одделение за ортопедија.
Оваа одлука доаѓа како последица од синоќешното невреме, во кое силниот ветер, со брзина од 134 километри на час откорна дел од кровната конструкција на болницата предизвикувајќи сериозни оштетувања.
Поради нанесените штети на Одделот за ортопедија и ортопедска операциона сала, болницата привремено не е во можност да им овозможи соодветен третман на пациентите со трауми и скршеници.
„Ве замолуваме во текот на следните денови, до санирање на нанесената штета, пациентите со скршеници да не ги испраќате во Клиничка болница Штип бидејќи нема да можат да бидат адекватно третирани. Ве замолуваме пациентите да ги препраќате во другите здравствени центри со цел да го добијат соодветниот натамошен третман“,
велат од штипската болница.
Заменик-директорката на Клиничката болница, Билјана Ефтимова, информира дека помеѓу 15 и 20 хоспитализирани пациенти од ортопедија се веќе безбедно сместени и префрлени по другите одделенија во рамките на болницата.
Утринава проценители биле на терен во болницата за да утврдат колкава е штетата на покривот, со цел побрзо да се започне со санирање.
Денеска министерот за здравство Сашо Клековски рече дека во тек се проценки на штетите во здравствените установи, особено во Клиничката болница Штип и ГОБ „8 септември“, каде што се откорнати дел од кровните конструкции.
Тој рече дека е предизвикана значителна штета на кровната конструкција во Клиничката болница во Штип, но оти благодарение на брзата интервенција на градоначалникот Иван Јорданов и на директорот на болницата, штетите се веќе санирани и се работи на нивна проценка.
