Македонски државјани веќе се на летот од аеродромот Бон/Келн кон Скопје во организација на Министерството за надворешни работи. Се очекува на скопскиот аеродром околу полноќ да пристигнат 181 патник.
Согласно протоколите за државни карантини, по пристигнувањето, граѓаните ќе се упатат во хотел „Дрим“ во Струга, каде ќе поминат 14 дена во изолација.
Владата на својата фејсбук-страница соопшти дека подготвени се осум авотбуси, темелно дезинфицирани и ги очекуваат патниците од аеродром Бон/Келн.
Возачите на автобусите се опремени со заштитна облека, а обезбедена е вода и закуска за секој патник.
Во текот на утрешниот ден треба да дојдат уште два авиони со наши државјани од Виена и од Базел.
Денеска пристигнаа патници од Берлин, за кои беше обезбеден и транспорт со вкупно осум автобуси до хотелот „Цар Самуил“ во Банско, струмичко, каде што ќе го поминат предвидениот период од 14 дена во задолжителен карантин.
Локалната телевизија од Струмица, ТВ Вис, објави видео на кое се гледа пристигнувањето на патниците во хотел „Цар Самуил“.
Како што се известува, сместувањето се одвивало под силно полициско обезбедување, но мирно и без проблеми.