Возот од Скопје за Неготино вчера патувал шест часа, а застојот како што пренесе МИА траел со часови во тунел. Според сведоштва на дел од патниците, возот удрил во железен предмет кој испаднал на пругата од друг воз.
„Сè беше во ред додека машиновозачот, кој има подолго искуство и возеше бавно во тунелот пред Велес, не го забележа железниот предмет што наводно испаднал од друг воз и почна со кочење, но бидејќи возот има голема тежина удривме во железниот предмет, од кој можевме да бидеме исфрлени од железничката пруга. Се слушнаа неколку удари, јас помислив дека можеби ќе бидеме исфрлени од пругата, но закочивме и поголемиот дел од возот остана во тунелот, само предниот дел, каде што е кабината на машиновозачот, беше излезен надвор од тунелот“,
изјавил за МИА Илија Стамков, патник во возот.

Возот застанал и според информациите на патниците случајот бил пријавен кај надлежните и во полиција.
„Полиција дојде, но тоа не значеше крај на нашите маки. Се изначекавме. Почнаа сите од возот да излегуваат и да се бунат, трипати излеговме и се буневме, двапати нè лажеа дека ќе тргнеме. Излеговме и од нервоза почнавме поостро да се караме. Благодарност до машиновозачот кој беше присебен и ни ги спаси животите на сите со неговата брза реакција и кочење. Стасав на железничка станица во Неготино во 23 часот, а тргнав од Скопје околу пет часот,“
додава Стамков.
Информацијата за возот за порталот СДК ја потврдиле и од СВР Велес од каде што изјавиле дека по извршениот увид од екипи на ЈП „Македонски железници“ било констатирано дека паднал метален дел од товарен вагон кој претходно минувал на оваа релација.