Претседателката на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Анегрет Крамп-Каренбауер денеска изјави дека партијата на 25 април ќе го одржи конгресот на кој ќе се избира новиот претседател и додаде дека тие што сакаат да се кандидираат тоа треба да го сторат неделава.
Крамп-Каренбауер изјави дека изборот на претседателот на ЦДУ на претстојниот конгрес ќе биде сигнал за тоа кој од партијата на Ангела Меркел ќе се кандидира за канцелар на сојузните избори следната година, пренесуваат британските медиуми.
Расправата за наследникот во врвот на ЦДУ беше отворена на почетокот на овој месец, кога Крамп-Каренбауер неочекувано соопшти дека нема да ја наследи својата менторка, германската канцеларка Ангела Меркел.
Лидерската криза во партијата, според експертите, се смета како главна причина за лошиот резултат на ЦДУ на локалните избори во Хамбург, што се смета за најлош во историјата на партијата.