Собранието се комплетира на првата постизборна седница, така што во овој состав влегоа четворица нови пратеници од листите на ВМРО-ДПМНЕ и двајца од листите на СДСМ, на местата на досегашните пратеници кои станаа градоначалници
Собранието, денеска попладне, ги верификуваше мандатите на новите пратеници кои доаѓаат на местата на досегашните парламентарци кои се избрани за градоначалници.
„За“ гласаа 83 пратеници, немаше против и воздржани.
На местото на Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е избран за нов градоначалник на Аеродром, доаѓа Тони Јаревски, а позицијата на Дарко Костовски, кој стана градоначалник на Бутел, ја зазема Зоран Коцевски. На местото на Иван Јорданов од ВМРО-ДПМНЕ, кој е новиот градоначалник на Штип, доаѓа Драган Ковачки, а Грација Бакраческа влегува во Собранието наместо Кирил Пецаков, кој во неделата беше избран за градоначалник на Охрид.
И од листите на СДСМ во парламентот влегуваат двајца нови пратеници. Костадин Костадинов, кој е нов градоначалник на Струмица, во собраниските клупи ќе го замени Љубица Спасова, додека на местото на Биљал Касами, претседателот на Беса кој на локалните избори беше избран за градоначалник на Тетово, доаѓа Драгољуб Филиповски од СДСМ.
По верификацијата на мандатите, новите пратеници влегоа во собраниската сала и ги заземаа своите места, по што Собранието продолжи со работа.
На денешната седница на Собранието, пратениците ја поддржаа Одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
На дневен ред на 51. седница, прва по завршувањето на локалните избори, се повеќе предлог-закони, како за Академија за судии и јавни обвинители, за адвокатура, за граѓанска одговорност за навреда и клевета, сите во прво читање. Пратениците треба да дискутираат и за дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, во второ читање, Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во прво читање.