Сиљановска-Давкова лани имаше аудиенција кај папата Франциск во Ватикан по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, што беше и нејзина прва посета на странска држава по изборот за претседателка на државата
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова преку објава на социјалните мрежи изрази сочувство за упокојувањето на папата Франциск, кого, како што вели, ќе го памети по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност.

Сиљановска-Давкова, во кратката објава на Фејсбук, се навраќа на аудиенцијата што лани ја имаше кај папата Франциск, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
„Како народен папа, му го честиташе на христијанското семејство Христовото воскресение и утринава мирно си замина во вечноста. Јас, пак, по четириесетината минути незаборавен разговор, ќе го помнам по исклучителниот ум, мудрост, топлина и едноставност“,
напиша претседателката на државата.
Инаку, патувањето во Рим и посетата на Ватикан беше прва посета на странска држава на Сиљановска-Давкова по нејзиниот избор за претседателка на државата на минатогодишните избори.
На средбата, како што изјави тогаш таа, со папата Франциск разговарале за интеграцијата на земјава и на целиот Западен Балкан во Европската Унија, а размениле мислења и за светските случувања.
Се осврнале и на посетата на папата на земјава пред шест години, за која и двајцата потврдиле дека била, како што кажа претседателката, неверојатно инспиративна.
Традиционално, на средбата, претседателката и папата си разменија подароци. Сиљановска-Давкова му подари резба на која е прикажана птицата феникс, која, како што изјави шефицата на државата, е асоцијација дека како феникс сме се кревале секогаш и сме наоѓале сила за соработка. Сиљановска-Давкова на поглаварот на Римокатоличката црква му врачи и икона, подарок од архиепископот на Македонската православна црква –Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан.
За аудиенцијата, Сиљановска-Давкова тогаш сподели впечатоци и на социјалните мрежи, каде што напиша дека со Светиот Престол имаме нераскинливи историски врски преку важни личности од заедничкото минато.
„Благодарност до Папата Франциск за пријатниот и конструктивен разговор. Уверена сум дека во период што следи уште поинтензивно ќе се залагаме за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол и ќе го негуваме меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции“,
напиша претседателката на државата на 24 мај 2024 година на Фејсбук.
Папата Франциск почина вчера утро на 88-годишна возраст.
Како што соопшти синоќа Ватикан, причината за смртта е мозочен удар и срцева слабост.
Франциск беше првиот папа кој доаѓа од Латинска Америка и првиот понтиф (првосвештеник) роден надвор од Европа по повеќе од илјада години.