Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во изјава за „360 степени“, потврди дека фотографиите од Јованов се автентични и информира дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси
Да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот монструм и да биде соодветно санкциониран, реагира на Фејсбук сестрата на Фросина Кулакова, Росица Кулакова, откако на социјалните мрежи беа објавени фотографии од 20-годишниот Васил Јованов во притвроското одделение во затворот во Шутка со мобилен телефон во рацете.

„Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за внатрешна контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корумпцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?“,
пишува во објавата од профилот на Росица Кулакова на Фејсбук.

Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, во изјава за „360 степени“, потврди дека фотографиите од Јованов се автентични и информира дека на 20-годишникот му е одземен телефонот, а во затворот биле направени претреси.
„Направени се претреси во ќелиите, најдени се и други телефони, на Јованов телефонот му е одземен. Ќе биде спроведена истрага, од снимките ќе се обидеме да утврдиме кој е виновникот, кој му го дал телефонот и тој ќе биде избркан од работа. Јованов ќе биде преместен во самица“,
ни изјави Пандов.
И директорот на затворот „Шутка“, Бобан Утковски, за „360 степени“ потврди дека во тек е истрага за случајот.
За фотографиите од Јованов со мобилен телефон реагираа и од опозицискиот СДСМ.
„Веќе два дена јавноста е во шок од трагедијата што ја потресе целата држава, откако Васил, 20-годишник без возачка дозвола ја прегази младата Фросина, која за жал почина на лице место. Граѓаните се револтирани, јавноста е бесна, а протестите не стивнуваат. Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор“,
прашуваат од СДСМ.
Според СДСМ, ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта.
„Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски. Кој го штити младиот убиец во врвот на власта? Срамно и недозволиво осомничен за ваков грозоморен чин слободно да користи мобилен телефон уште од првиот ден. Јавноста чека одговори од Тошковски и одговорност од Александар Пандов!“,
реагираат од СДСМ.