Во февруари, кога кинеската влада воведе строги ограничувања на движење заради спречување на ширењето на коронавирусот, исто така, беше забележан пад на нивото на загадување во градовите.
Со воведувањето ограничувања за движење и активности поради коронавирусот, загаденоста на воздухот е намалена во урбаните области низ цела Европа, покажуваат најновите сателитски снимки.
Сателитските снимки од „Сентинел-5“ покажуваат намалување на просечното ниво на штетен азот диоксид во поголемите градови, вклучително во Брисел, Париз, Мадрид, Милано и Франкфурт, во периодот од 5 до 25 март, споредено со истиот период претходната година.
Тоа се совпаѓа со воведувањето мерки за ограничување на патниот сообраќај, најголемиот извор на азот диоксид и намалување на производството во фабриките што испуштаат штетни гасови.
Новите снимки што ги објави Европската вселенска агенција (ЕСА) и анализирани од Европскиот сојуз за јавно здравје (ЕПХА), покажуваат намалена густина на гасот азот диоксид, кој може да предизвика респираторни проблеми и карцином.
Дневните временски услови можат да влијаат на нивото на загадување на атмосферата, така што сателитските слики земаат просек од 20 дена, но неи податоците за време на облачните денови.
Податоците од Европската агенција за животна средина (ЕЕА) покажуваат сличен тренд за периодот помеѓу 16 и 22 март.
ЕПХА посочува дека луѓето кои живеат во загадени градови имаат поголем ризик да бидат заразени со ковид-19, бидејќи долготрајна континуирана изложеност на воздухот со лош квалитет може да го ослабне имунолошкиот систем.
Загадувањето на воздухот е причина за околу 400 000 смртни случаи секоја година во Европа, потенцира ЕЕА.