„Откако се наведнав да го одврзувам, Љупчо Палевски одеднаш му испука куршум во слепоочница на Жежовски. Се тресев сиот од тоа што го видов. Во меѓувреме го видов и Боре како излегува од местото, а потоа го видов Палевски како го турка Жежовски во дупката. Дојде до мене, јас го прашав ‘зошто, ова не требаше вака’, тој ми рече ‘вака е почисто, нема што да се секираш’. Јас реков дека не сакам да продолжам. Ме потчукна со раката и ми рече ‘да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’“, сведочеше Манев за егзекуцијата на велешанецот Панче Жежовски
Обвинетиот Велибор Манев на денешното рочиште во детали раскажа како се планирани и како се извршени грабнувањето и убиството на Панче Жежовски. Како директен егзекутор го посочи првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој, според Манев, му пукал во слепоочницата додека сакале да го стават во земјанката што ја ископале кај местото Рудник во близина на Велес, а која требало да послужи за реализирање на планот на Палевски за киднапирање женско лице поведен од финансиски мотиви.
Во продолжение ви пренесуваме како течеше распитот на обвинетиот Велибор Манев за грабнувањето и убиството на Жежовски.
Одговараше на директни прашања кои му ги поставуваше неговиот адвокат Горан Бошевски. Рече дека се познава со сите од обвинетите. Прашан каков бил карактерот на комуникацијата со нив, Манев вели:
„Со Боре Видевски се познавам од основно училиште, се знаеме цел живот. Не сме имале никакви проблеми, сме се почитувале. Со Палевски се познавам од 2018 година, преку Фејсбук стапивме во пријателство, му пристапив во канцеларијата и така се запознавме и лично. Потоа одлучив да пристапам како член на тогашното движење Трета. Со Влатко Кешишев се познавам две и пол години, ако не ги сметам овие година и пол во затвор. Се знаеме од движењето Трета. Дојде да ги одржува канцелариите во Трета и му готвеше на Љупчо Палевски. И со тоа му ја даде довербата на Љупчо Палевски. Две и пол години му готвеше и служеше без никаков надомест.“

Рече дека не го знае ниту некогаш го видел таткото на Вања, Александар Ѓорчевски.
За починатиот велешанец Панче Жежовски рече дека го познавал и дека работел на неговата куќа. Според неговото сведочење, Жежовски го измамил и не му ги исплатил парите за завршената работа.
„Бараше на дел од влезот од куќата да му се нареди клесан камен, што е една од најскапите варијанти на изведба во градежништво. Ми остана должен 1 500 евра. На неговите кажал дека должи 500 евра, а беа 1 500. Се скаравме. Му извадив 12-13 квадрати од бехатон-плочките што му ги редев, повика полиција, таа направи записник – ме опомена дека не можам така да се однесувам и кренав раце. Уште еднаш отидов во фризерницата, тогаш ме избрка, дојдов до степен да го тепам, но се воздржав, кренав раце и оставив на Бога. Тоа беше контактот со Панче“,
изјави обвинетиот Велибор Манев.
Прашан кој ги однел полицајците до месноста Рудник кај Велес, каде што беше закопан Жежовски, Манев рече дека тој ги однел. На прашањето кој ја копал земјанката, Манев вели:
„Јас ја копав со Влатко Кешишев. Целта беше таму да се стават грабнатите лица и да се пуштат кога ќе се изврши наплата. Прво требаше Панче Жежовски да биде врзан за бетонски тег во земјанката, да се искористи неговото возило за грабнување на жена од 38 до 40 години и, кога ќе се грабне таа, Панче да се пушти да си замине со колата, а жената да биде чувана додека да се изврши наплата. Земјанката е копана во 2022 година. Прво баравме објект каде што ќе бидат чувани грабнатите лица, но бидејќи не најдовме, едно попладне бев во канцеларијата кај Шампионче во Кисела Вода, Палевски ми предложи да го оставам телефонот во канцеларија и да се прошетаме. Кога излеговме, ми рече дека тешко може да се најде објект и да одредиме локација за земјанка каде што може да ги чуваме грабнатите лица. Откако го најдовме местото, заедно решивме тука да се направи земјанката и еден период ја оставивме така да се замаскира од самата природа. За одлуката за киднапирање на Жежовски, месец и пол пред грабнувањето, Палевски бараше некоја кола, необележана, крадена, за да може да го извршиме грабнувањето. За жената да може да биде грабната со необележана кола. Не можеше да се најде таква кола, па предложи да најдеме некој сам пензионер, да му ја искористиме колата и да го пуштиме потоа на слобода. Седевме во канцеларија и ми дојде на ум неплатениот долг на Панче Жежовски. Му кажав дека имам таков што ме измамил, што ми го зел лебот, па би можел да го искористиме за грабнувањето.
На прашањето кои други лица се приклучиле за да се реализира грабнувањето на Панче Жежовски, Манев рече дека прво биле тој, Влатко Кешишов и Љупчо Палевски, но им недостигал уште еден човек. Како четврти член на групата се приклучил Боре Видевски.
„Жежовски го грабнавме на 23 ноември. На 22 дојдоа Влатко и Палчо, за Палчо да го провери местото за грабнување на Панче Жежовски. Отидовме до местото, го виде и одлучи наредната вечер да отидеме и да го грабнеме Панче. Утрината на 23 ноември кога дојдоа пиевме кафе и околу 6 часот тргнавме кон куќата на Панче. Инаку, да напоменам дека времето на снимките што ги гледавме не се совпаѓа со ова што го кажувам. Отидовме до куќата на Панче – јас, Боре и Палчо. Влатко Кешишов го зеде ‘кангуто’ да чека кај пругата. Чекавме сам да излезе за да го земеме, тоа беше од 7:30 до 7:45. Не излезе, па Палчо преку ‘моторола’ рече да му тропнеме на врата и да го грабнеме. Боре одлучи да му тропне на вратата, да го турне назад, а ние да притрчаме и да го врземе. Боре настапи така како што му кажа Палчо – тропна на вратата, го турна во претсобјето. Видов како Палчо влегува во претсобјето. Панче викаше. Јас влегов трет, му ја ставив раката на уста за да не вика. Бевме со маски, не нè позна никој. Почнавме да му ги врзуваме рацете. Палчо влезе во куќата, го зеде телефонот на Панче Жежовски, ги зеде клучевите од колата на Панче, ја извади церадата од колата, ја бутна церадата од одзади во претсобјето. Отиде да ја стартува колата, а јас и Боре отидовме да го ставиме Панче во гепек. Потоа се симнавме долу каде што беше паркирано ‘кангуто’ со Кешишов, кој беше долу на паркингот. Тука ставивме гориво во колата на Панче, а за тоа време Палевски го фрлил телефонот на Жежовски во долот. Потоа се упативме кон месноста каде што се наоѓаше земјанката за да го пуштиме долу. Претходната вечер зедовме две туби за вода и јас и Кешишов отидовме до бензинска да наполниме гориво – една дизел, една бензин“,
сведочеше Манев.
По грабнувањето, како што рече, тргнале по стариот пат за Скопје покрај хотелот „Романтик“ до селото Рудник.
„Пред нас возеше пикапот во кој беа Палевски и Кешишов, а јас и Боре бевме во возилото на Жежовски, кое го возев јас. Стасавме горе кај земјанката. Го изнесовме од колата, го донесовме до самиот отвор на земјанката. Беше легнат до самиот отвор за да можам да го одврзам. Пикапот и Кешишев останаа 300-400 метри подолу, а Палевски дојде со нас во ‘ситроенот’ горе. Откако се наведнав да го одврзувам, Љупчо Палевски одеднаш му испука куршум во слепоочница на Жежовски. Јас останав без зборови. Излегов од шумичката во која беше обрасната земјанката. Се тресев сиот од тоа што го видов. Во меѓувреме го видов и Боре како излегува од местото, а потоа го видов Палевски како го бутка Жежовски во дупката. Дојде до мене, јас го прашав ‘зошто, ова не требаше вака’, тој ми рече ‘вака е почисто, нема што да се секираш’. Јас реков дека не сакам да продолжам. Ме потчукна со раката и ми рече ‘да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија’. Во земјанката имаше бетонски тег со алка, а јас носев синџир за да можеме да го врземе за ногата. Тоа беше планот за Панче, а потоа и за жената што требаше да ја грабнеме. По убиството ме натера да ја земам колата на Жежовски и да ја возам до Скопје. Палевски седна во пикапот, тргна пред мене и возевме кон Скопје , се вклучивме на автопат. Тоа беше над самата база на ‘Македонија пат’ каде што има приклучок за да се излезе на автопат. Од автопатот се исклучивме кај Катланово и продолживме по стариот пат за Скопје. Како возев до Хиподрим, и самиот не знам. Таму го видов пикапот пред себе и се свестив каде сум и што сум. Преку ‘моторола’ Палевски ми кажа да го следам и тој сврти кон Кванташки пазар и пред пругата запре и ми рече тука да го оставиме возилото. Откако го паркиравме, нè натовари во задниот дел на пикапот и нè однесе во канцеларија. Кога влеговме, Боре отиде во тоалет, Влатко отиде да прави кафе. Јас и Љупчо останавме заедно. Го прашав ‘зошто ова’, тој ми рече ‘прекини, ти ништо не разбираш, да не ти се повторува’. Со Боре заедно го испивме кафето и станавме да одиме. Палевски нè праша каде ќе одиме, реков дека ќе си одиме за Велес. Рече вечерта да се видиме повторно, јас реков дека сум со последните пари што ќе ги дадам за автобуски карти и дека нема со што да дојдам. Ги зеде клучевите од ‘реното кангу’, ми ги даде и рече со ова ќе одиш и вечер пак ќе вратиш, гориво има. Вечерта Палевски нè однесе до местото викано Оризови Дупки и видовме дека под самиот пат има необработени лозја и мислев дека тука ќе се чува грабнатата жена. Се вративме во канцеларијата. Бидејќи беше рано, прилегнавме да дремнеме“, рече Манев.
Утрото во четвртокот, како што рече, првпат тргнале да ја грабнат жената.
„Малку задоцнивме временски и тука се вративме со колата на Жежовски, но сега го препаркиравме на поширок тротоар на главната улица што води кон Маџари. Потоа заминавме во канцеларијата. Не се задржавме многу и заминавме за Велес со ‘кангуто’. Во четвртокот ноќта повторно бевме во Скопје за да ја грабнеме жената што претходно ја лоцирал Љупчо Палевски. Кога стигнавме пред зградата, требаше по кажување и инструкции на Палевски жената да се турне во сутеренот на зградата, во понискиот дел, но од еден од дуќаните излезе жена и затоа пропадна и вториот обид“,
додава Манев.
На прашањето која личност требало да биде грабната, тој рече дека Палевски спомнувал повеќе лица.
„Едно лице запаметив, директорот на ’Гранит’, Страшо, не го знам, потоа се одлучи за жена на возраст од 38 до 40 години, ќерка на некој од сопствениците на фармацевтските куќи. Неколку дена кажуваше дека ја следел за да ѝ ги види навиките, каде работи и наводно ја сликал со мобилниот телефон. Ни ги покажуваше сликите на жената“,
рече Манев.
На дополнително прашање кој ден требало да го извршат грабнувањето на женското лице, Манев рече дека третиот обид бил во понеделник на 27.11.2023.
„Во текот на викендот, Палевски и уште едно лице, не знам кое, го пренесуваат возилото на Жежовски кај пазарот во Радишани. На 27 ноември нè однесе во Радишани со ’кангуто’ и нè остави тројцата, мене, Боре и Влатко Кешишов. Рече дека снимките покажуваат како се движеле до зградата каде што е грабнато женското лице. Јас имав ’моторола’, Влатко имаше и Љупчо Палевски имаше“,
рече Манев.
Понатаму, Манев одговараше како и кој го извел грабнувањето.
„Љупчо Палевски ни го објасни начинот на отворање на вратата на зградата, ентериерот и распоредот на скалите и дека внатре може полесно да се земе. Кога стигнавме, Влатко остана во колата на Жежовски, а јас и Боре влеговме во зградата. Беше темно, светло доаѓаше од вратата на зградата. Палевски ни кажуваше за времето преку ’моторола’. Во 7:20 јас бев до скалите, а Боре чекаше со селотејп-лента ставена на рака. Лицето излезе од лифтот и се спушти по скалите и, кога се симнуваше, Боре ја грабна, а со другата ѝ ја залепи лентата. По сликите што ни ги покажуваше, беше идентична. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење која претходно ја земавме од канцеларија. На Влатко му беше јавено да ја донесе колата пред влезот и да ја отвори вратата за да ја ставиме во гепекот“,
сведочеше Манев.