Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска го определи Јанез Јанша за мандатар за состав на новата словенечка влада. Оваа одлука на Пахор следува по уверувањето кое го добил од Јанша дека на располагање има парламентарно мнозинство кое би го поддржало неговиот избор за претседател на Владата на Словенија.
Предлогот е веќе доставен до Собранието и според информациите кои ги објавуваат тамошните медиуми, за изборот на Кабинетот на Јанша најверојатно ќе се гласа на првата наредна редовна седница која ќе се одржи во вторник.
Јанша ќе го замени Марјан Шарец кој даде оставка минатиот месец.

Доколку го добие потребниот број гласови, Јанша по трет пат ќе седне на премиерскиот пост. Новата влада ќе биде десно-центристичка а освен партијата на Јанша (СДС), коалицијата ќе ја сочинуваат и Партијата на модерниот центар, Нова Словенија и Демократската партија на пензионерите.
Претседателот Пахор, кој е левичар по убедување е свесен дека ќе биде принуден на кохабитација со Владата, но се надева дека соработката со неговите идеолошки опоненти ќе биде конструктивна и во корист на сите граѓани на Словенија.
Мандаторот Јанша, како премиер на Словенија пред шест години беше правосилно осуден на две години затвор за примање мито при набавката на оклопни транспортери за армијата од финската фирма „Патриа“.
Тој помина 176 дена во затворот Доб, по што Уставниот суд на Словенија му ја укина пресудата.