По Александар Лазаров-Цуната се трагаше со централна и со меѓународна потерница, откако претходно избега од полициската станица во Кочани, каде што бил приведен поради сомненија за трговија со дрога

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува акцијата на МВР, кои вчера го фатија осомничениот наркодилер Александар Лазаров-Цуната, откако тој првично избега од кочанската полициска станица.
Според нив, со приведувањето, „паѓаат во вода“ обвинувањата на СДСМ дека Цуната бил намерно пуштен.
„Со приведувањето на Цуна, паднаа во вода обвинувањата на СДС дека Панче Тошковски сакал да го пушти на слобода. Впрочем, оваа е уште една во низата лаги на СДС кои им се распрснуваат како меур од сапуница, за што, како по навика, им е виновен Тошковски од кого, за што и да се случува во државата, бараат оставка. За ваквото свесно лажење и манипулирање на пошироката јавноста, од опозициската СДС треба да се извинат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
По Лазаров се трагаше со централна и со меѓународна потерница, откако претходно избега од полициската станица во Кочани, каде што бил приведен поради сомненија за трговија со дрога.
Според полициските иформации, тој е лишен од слобода на територијата на Скопје, по што е спроведен во полициската станица „Кисела Вода“ за понатамошна постапка.
Неговото бегство од полициската станица во саботата го обелодени опозицискиот СДСМ, од каде што деновиве упатија серија обвинувања до МВР, министерот Панче Тошковски и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот.
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, завчера (13 јули) беше во посета на Одделението за внатрешни работи (ОВР) Кочани, каде, како што објави, се информирал за околностите поврзани со бегството на Александар Лазаров што се случило во петокот.
Шефот на БЈБ оцени дека станува збор за сериозен инцидент што ја нарушил довербата на граѓаните во полициската служба и најави целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална одговорност.
