Во преговорите за дел од учебниците за средно образование министерството бргу стаса до компромис со издавачките куќи, но атмосферата стана тензична кога на маса дојдоа „кембриџ-учебниците“
„Ова е класична изнуда“, велат од издавачката куќа „Арс Ламина“ и се пожалија дека министерството за образование неосновано инсистира на пониски цени и ги става во подредена позиција наспроти другите издавачки куќи. На крајот, падна договор за околу 9,5 милиони денари пониска цена од првичната понуда
Без многу препукувања, со брз компромис заврши денешниот откуп на дел од учебниците за средношколците. Издавачките куќи во втората рунда преговори за средно образование, дојдоа со целосната документација што министерството за образование (МОН) им ја побара за јавната набавка, за разлика од минатиот месец кога одбија да достават доказ за авторски права и формула по која што ја фомираат цената за учебниците.
А токму откупната цена е камен на сопнување во преговорите. Како и при вчерашната рунда преговори за откуп на учебниците за основно образование, така и денеска МОН притискаше да стигне до пониска цена, додека издавачите едногласно се жалеа дека имаат зголемени трошоци, а намалени тиражи.
Правила на игра во преговорите нема, па цената на учебниците зависи исклучиво од преговарачките способности на членовите на комисијата од МОН и на претставниците на издавачките куќи. Без компромис, МОН не може да купи учебници, бидејќи законски, за еден предмет е одобрен по еден учебник, па секоја година државата е должна да преговара за откупната цена на книгите од истите издавачи.
Новинарските екипи, на кои годинава за прв пат им беше дозволено присуство на преговорите, можеа одблизу да го следат „пазарењето“ меѓу двете страни.
Надувани или издишани цени?
Колку ќе дадете попуст? – е првото прашање на членовите на Комисијата до издавачите, штом ќе се отворат понудите.
Прв договор падна со издавачката куќа „Албас“, од која МОН годинава нарача мал тираж на учебници за средно образование. Првичната понуда на издавачот беше 123 270 денари, што е одблизу иста цена по која и лани МОН ги откупило истите учебници. Во преговорите, издавачот се согласи да даде 2,6 отсто попуст, па се склучи договор за 120 065 денари.
Издавачката куќа „Алби“, која беше следна на распоредот за преговори со МОН, годинава не поднела понуда, па преговорите продолжија со „Арберија Дизајн“ – издавачката куќа која го држи дел од монополот за печатењето на т.н кембриџ-учебници за основно образование.

Преговорите со претставникот на „Арберија Дизајн“ не трае повеќе од десетина минути. Издавачот дојде со понуда од 404 460 денари и веднаш понуди 10 отсто попуст.
„Знаеме дека книгите се од странство и тиражот е мал, но може ли барем уште малку да одиме пониско?“,
прашаа претставниците на Комисијата.
Од „Арберија Дизајн“ понудија финални 12 отсто попуст на целата понуда. МОН ја прифати оваа сума, па се склучи договор на 355 925 денари, што е приближно 4 отсто поевтино за разлика од ланската набавка на овие учебници.
Според бројот на учебници што ги откупува МОН, „најтешка“ беше понудата на „Арс Ламина“ – 1 975 676 денари за учебниците за странски јазици за средно образование. Претставникот на „Арс Ламина“, Дарко Фидановски, веднаш посочи дека попустот е вкалкулиран во понудата и дека не може цената да биде помала, бидејќи како што рече тиражот годинава е помал, а трошоците поголеми.

Но, членовите на Комисијата од МОН инсистираа на пониска цена, па издавачот даде 1 отсто, или како што рече, „симболичен попуст“.
Иако Комисијата бараше дополнително намалување на цените, Фидановски остана на ставот дека сумите низ годините неколкупати биле намалени и смета дека ова е прифатлива цена. На крајот падна договор вреден 1 955 920 денари, што е за 1 отсто пониска од ланската цена за овие учебници.
Додека за учебниците за средно „Арс Ламина“ и МОН брзо дојдоа до договор, преговорите одеа потешко за учебниците за основно образование, познати како кембриџ-учебници.
Понудата вредна 55 419 698 денари денеска беше повторно разгледувана, бидејќи вчера издавачот и МОН не успеаа да дојдат до заемно прифатлива цена. Издавачот нудеше максумум 10 отсто, а МОН бараше 17 % попуст. Истите позиции двете страни ги задржаа и денеска.
За набавката да успее, Фидановски предложи попустот да биде 13 отсто, но МОН посочи дека тоа излегува од рамките на предвидениот буџет за набавка на учебници. Издавачот се пожали на притисок и нееднаков третман со другите издавачи, кои како што рече, дале помали попусти.
„По кои калкулации е направен буџетот на МОН, ако се зеле предвид претходните цени и претходните договори? Како е можно за сите набавки кои се одвиваа овие денови да има буџет, а за нашата да нема? Зошто Министерството не предвидело буџет за тие учебници, а сака да ги набави? Ќе предвидиме буџет и вклопете се во него – класична изнуда. Зошто ние би имале „специјален третман“?“,
праша издавачот.
Од МОН посочија дека според нивните проценки цените на дел од учебниците се нереално високи, на што Фидановски реплицираше дека тоа се паушални тврдења.
„Вие велите нереални цени, јас велам барате нереален попуст. Кој процени дека се нереални? Кои се фактичките докази? Како новинарите што пишуваат „напумпани цени“, јас велам дека се издишани цените. Имаме 2,7 пати поевтини учебници од истите книги што се продаваат во странство…Зошто ние да даваме најголем попуст? Ние ли сме таргетот? Ова преговарање ли е? До година може ќе побарате 50 отсто попуст. Нека си направи МОН нов закон, нека си ги уреди убаво работите и нека си диктира цени. Сега се доведуваме во ситуација да изнудувате пониски цени, за утре да велите на издавачите напумпани им биле цените…“,
рече Фидановски.
„Да ја завршиме оваа голгота“
Бидејќи двете страни не може да најдат прифатлива сума, МОН предложи преговорите да продолжат утре за да се види дали попустот што го нуди „Арс Ламина“ влегува во буџетот на МОН за откуп на учебници.
Иако издавачот оцени дека бараните 17 отсто попуст се нереални, сепак, на крајот попушти.
„Тоа е многу, но како одговорна компанија, во интерес на децата, ќе ги заклучиме преговорите на наша штета. Да ја завршиме оваа голгота“,
им порача Фидановски на членовите на Комисијата.
Членовите на Комисијата на МОН изразија благодарност до издавачот и договорот беше заокружен на 45 998 350 денари што е околу 9,5 милиони денари помалку од првичната понуда. Споредено со цените за дел од учебниците од лани, сумата е околу 12 отсто пониска од минатогодишната набавка.
Фидановски кој и вчера се пожали дека МОН инсистира за попуст под медиумски притисок, денеска прстот го впери во новинарите од кои се пожали дека пренесуваат еднострани стории.
„Циркуз“, коментираше Фидановски додека членовите на Комисијата ги спремаа договорите.
На заминување, Фидановски се извини доколку ги навредил новинарските екипи, кои како што рече, несоодветно се однесувале.
Преговори како на пазар – до кога?
Сомнежите дека државата плаќа нереални суми за учебници дополнително се зголемија откако „360 степени“ укажа дека истите учебници во книжарница се продавале двојно поевтино, за разлика од цените по кои издавачите и ги продаваат книгите на државата. Таков беше случајот со „Арс Ламина“ која по снимањето на сторијата на „360 степени“ ги израмни цените во слободна продажба со откупната цена за МОН.
Дека законската рамка има пропусти, признава и министерката Мила Царовска, која во изјава за „360 степени“ најави промени во условите за преговори за откуп на учебници, а најави и дека МОН ќе побара истрага од ОЈО за тоа како биле воведени учебниците адаптирани по Кембриџ и како екслузивните права врз нив ги добиле токму „Арс Ламина“ и „Арберија Дизајн“.
Царовска уверува дека со новиот Закон за учебници ќе се укине монополот врз учебниците со тоа што ќе бидат одобрени по три, наместо по еден учебник, а ќе бидат поставени и параметри по кои би се формирала цената на учебниците и би се поставил праг од кој не може да отстапуваат ниту издавачите, ниту Министерството.
Но, за целосно реформирање на основното образовани ќе треба уште многу време. До тогаш, МОН и издавачите ќе продолжат да се „ценкаат“ со одврзани раце, а трошењето на јавните пари ќе зависи од волјата на поединци.