Бојко Ноев и Ивајло Калфин во отвореното писмо истакнуваат дека во следните месеци владите во Софија и во Скопје треба да работат на политичко лидерство, што подразбира храброст и разбирање кое никој понатаму нема да може да го доведе во прашање
Политичката храброст и меѓусебно разбирање, кое нема да може да се доведе во прашање, се клучот за членството на Северна Македонија во ЕУ, а заложбите на германското претседателство со Советот на ЕУ за успешно продолжување на процесот на проширување се одлична основа за постигнување договор во првата половина на 2021 година за почеток на преговори за членство.
Ова е став на двајца поранешни министри на Бугарија, Бојко Ноев (министер за одбрана од 1994-1995 и 1999-2001) и Ивајло Калфин (министер за надворешни работи 2005-2009), кои го искажуваат во отворено писмо, посветено на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и бугарската позиција за проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан.
„Бугарија и Република Северна Македонија се на важен крстопат во нивната комуникација и нивната иднина зависи од насоката во која ќе се движат. Односите меѓу нашите земји, длабоко под влијание на заедничката историја, тешко е да се ослободат од противречностите, кои, како по правило, се воведуваат и се разгоруваат од надворешни фактори. Честопати, емоциите, неоправданите очекувања и меѓусебните разочарувања надвладеаја над здравиот разум и објективните интереси на граѓаните на двете земји. Обидот на РСМ да започне разговори за членство во ЕУ се соочи со нерешените билатерални прашања. Како членка на ЕУ, Бугарија има обврска да не дозволува такви прашања да бидат на агендата и на преговорите за членство и на идното заедничко постоење на двете земји во рамките на Унијата. Затоа Бугарија мора да гарантира и исполнување на оваа обврска и нејзин стратегиски интерес за пристапување на земјите од Западен Балкан, особено на РСМ во ЕУ“,
се вели во отвореното писмо на двајцата поранешни бугарски министри, кое го објавува агенцијата Фокус.
Во заедничкиот став, Ноев и Калфин велат дека брзањето во политиката отсекогаш бил лош советник, како и потценувањето на проблемите и одложување на нивното решавање, истакнувајќи дека еден од условите за нивно решавање е политичкото лидерство.
„Клучот за нашите земји, кои живеат заедно во Европа, е политичката храброст и железните гаранции дека она поради што настана поделбата нема повторно да се врати како проблем“,
се вели во писмото.
Ноев и Калфин сметаат дека Република Северна Македонија и Албанија мора што е можно поскоро да започнат преговори за членство во ЕУ, а владите во Софија и Скопје мора да бидат активни, да работат на јасен план и да најдат убедлив начин за трајно решавање на проблемите меѓу двете земји во следните месеци.
„За да можат двете страни да бидат на ниво на одговорност кон минатото, сегашноста и особено пред идните генерации, тие мора да ги направат договорите иреверзибилни еднаш засекогаш, да не бидат предмет на каприците на политиката и конјуктурата, односно довербата мора да се зајакне со јасни договори за гаранција“,
велат двајцата политичари.
Министрите ги повикуваа властите и во Бугарија и во Република Северна Македонија, најгласно што може, да се изјаснат дека сега се поблиску до посакуваниот успех од кога било досега, веднаш да се вклучат во активен дијалог на највисоко ниво и да преземат заедничка обврска дека во следните месеци официјално ќе ги известат останатите членки на ЕУ за подготвеноста да се започнат преговорите за членство
Тие во отвореното писмо укажуваат дека заложбите на германското претседателство со Советот на ЕУ за успешно продолжување на процесот на проширување заслужуваат највисоко признание и се одлична основа за постигнување договор во првата половина на 2021 година за почеток на преговори за членство од страна на Република Северна Македонија.