Тројцата лидери утре и задутре ќе престојуваат во Италија на саемот за вино „VINITALY 2023“. Премиерот Димитар Ковачевски вчера при престојот во Белград рече дека на саемот ќе има штанд „Винска визија Отворен Балкан“ на која ќе се претстават најдобрите винарници од трите држави
Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, на 2 и 3 април 2023 година ќе ја посети Република Италија, каде што ќе се сретне со премиерот на Република Албанија, Еди Рама, и со премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, како дел од иницијативата за соработка Отворен Балкан, соопшти кабинетот на српскиот претседател.
Најавено е дека по средбата тројцата лидери ќе го посетат меѓународниот саем за вино „VINITALY 2023“ во Верона и заедно со министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, Антонио Тајани, ќе го посетат заедничкиот штанд на кој многубројни излагачи од земјите членки на иницијативата Отворен Балкан ќе ги претстават своите вина.
Вчера премиерот Ковачевски во Белград ја најави посетата на саемот за вино во функција на унапредување на економиите и зголемување на меѓународниот рејтинг на трите држави.
„Во недела со претседателот Вучиќ и премиерот Рама заедно ќе бидеме присутни во Италија на најголемата светска винска саемска манифестација ВИНИТАЛИ на кој ќе имаме штанд ‘Винска визија Отворен Балкан’ на која ќе се претстават најдобрите винарници од нашите три држави и кои ќе значат зголемување на производството и на извозот на овој значаен производ и за Северна Македонија и за Србија“,
изјави Ковачевски.
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI