Дали бугарските пратеници ќе ѝ изгласаат недоверба или владата ќе „преживее“ ќе биде познато вечерва околу 19:10 часот по локално време, за кога е закажано гласањето
Последниве осум дена бевме под притисок од политичари, новинари, дека сме купени, велат пратениците кои се отцепија од пратеничката група на „Има таков народ“, кои дадоа заедничка изјава во Собранието во пресрет на гласањето за недоверба на Владата на Кирил Петков кое е закажано за денеска.
Георги Георгиев рече дека бил подложен на детектор за лаги, кој покажал дека не добил никакви бенефиции за да се отцепи од групата ИТН.
„Темата со Македонија е измислена, Бугарија во моментов не треба да се става во политичка неизвесност“,
рекоа тие.
Иво Атанасов рече дека би било добро Тошко Јорданов и Слави Трифонов да бидат тестирани на детектор за лаги.
„На детекторот за лаги да застане и Тошко Јорданов или Слави Трифонов. Ќе ви ги кажеме прашањата. Вистина ја кажуваме. Немаме проблеми со никого. Проблемите не се кај нас, туку кај нив“,
рече Атанасов.
По речиси осум часа расправа во бугарското Народно собрание, вчера попладне заврши дебата за предлогот на опозициската партија ГЕРБ на Бојко Борисов за гласање недоверба на владата на премиерот Кирил Петков.
Дали бугарските пратеници ќе ѝ изгласаат недоверба или владата ќе „преживее“ ќе биде познато вечерва околу 19:10 часот по локално време, за кога е закажано гласањето.
Во осумчасовната дебата, пратениците од власта и опозицијата најмногу дебатираа дали финансиската и економската политика на актуелната влада е успешна или не.
Пратениците од ГЕРБ истакнаа дека иако официјалниот мотив да побараат гласање недоверба е финансиската политика на власта, всушност владата, според нив, потфрлила во сите сектори. Тие ги потенцираа високата инфлација и ниските приходи во Буџетот и обвинија дека од владата на Петков гледаат само слаби менаџерски способности и заткулисни игри.