Премиерот Петков од собраниската говорница претходно им порача на пратениците дека во моментов се пишува историјата на Бугарија и побара од нив да не дозволуваат бугарската политика да зависи од неколку луѓе кои не се во парламентот со нив. Во дебата тој уште еднаш повтори дека Северна Македонија не е вистинската причина зошто ИТН на Трифонов решила да излезе од владејачката коалиција туку причината се парите кои не ги добиле преку Министерството за регионален развој
По речиси осум часа расправа во бугарското Народно собрание, попладнево заврши дебата за предлогот на опозициската партија ГЕРБ на Бојко Борисов за гласање недоверба на владата на премиерот Кирил Петков.
Дали бугарските пратеници ќе ѝ изгласаат недоверба или владата ќе „преживее“ ќе биде познато утревечер околу 19:10 часот, за кога е закажано гласањето.
Во осумчасовната дебата, пратениците од власта и опозицијата најмногу дебатираа дали финансиската и економската политика на актуелната влада е успешна или не.
Пратениците од ГЕРБ истакнаа дека иако официјалниот мотив да побараат гласање недоверба е финансиската политика на власта, всушност владата, според нив, потфрлила во сите сектори. Тие ги потенцираа високата инфлација и ниските приходи во Буџетот и обвинија дека од владата на Петков гледаат само слаби менаџерски способности и заткулисни игри.
Вицепремиерот Асен Василев од Продолжуваме со промените од каде доаѓа и премиерот Петков, на обвинувањата одговори дека инфлацијата не е само бугарски туку глобален проблем и сите земји-членки на ЕУ се обидуваат да го решат заеднички. Во одбрана на владата, пак, тој нагласи дека се зголемени минималната плата и пензија, имало даночни олеснувања за младите семејства, како и намалување на јавниот долг.
Премиерот Кирил Петков, пак, од собраниската говорница претходно им порача на пратениците дека во моментов се пишува историјата на Бугарија и побара од нив да не дозволуваат бугарската политика да зависи од неколку луѓе кои не се во парламентот со нив.
Меѓу тие луѓе тој го спомена поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, велејќи дека тој се плаши оти ќе го стигне правдата за тоа што правел додека бил на функцијата, па затоа, според Петков, неговиот претходник е една од вистинските причини зошто се бара гласање недоверба на владата. Вториот е политичарот и олигарх Делјан Пеевски кој, смета Петков, стравува дека неговите градежни фирми нема да добиваат милијарди за кои можеби тој претходно се договорил со некој друг. Премиерот го наведе и лидерот на Има таков народ (ИТН) Слави Трифонов како еден од оние поради кои Бугарија се наоѓа во оваа ситуација.
Тој од собраниската говорница повтори дека Северна Македонија не е вистинската причина зошто ИТН на Трифонов решила да излезе од владејачката коалиција туку причината се парите кои не ги добиле преку Министерството за регионален развој.
Инаку, утре во Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание утре ќе одржи и состанок на кој ќе се разговара за францускиот предлог за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.
Состанокот ќе се одржи во 15 часот, на кој ќе биде презентирано мислењето на Министерството за надворешни работи за нацрт-записникот од заедничката средба според член 12 од Договорот со Република Македонија од 2017 година и пакет-документи на Претседателството на Советот на ЕУ (францускиот предлог) во врска со процесот на проширување.