„Уште нема алки со џи-пи-ес, Оливер Спасовски ќе мора да ги чува од бегство Камчев, Мијалков и Јанакиески 24 часа дневно“
Вака известуваа дел од медиумите кога судот, по предлог на СЈО, ги пушти од Шутка во домашен притвор споменатите обвинети и осомничени лица.
Алки и друга опрема за електронски надзор на осуденици, сепак, се набавени, но тие стојат неупотребени во магацините на Управата за извршување санкции.
Дали доколку функционираа алките, ќе немаше потреба МВР континуирано да ги следи и притворениците, еве на пример Сашо Мијалков кој е во куќен притвор?
-Претпоставувам дека тоа е и најчесто интересно и поставувано прашање во јавноста, дека електронските алки се пречка за домашниот притвор. Морам да напоменам дека овие алки се исклучиво наменети за куќен затвор., вели директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.
Законот за пробација, со кој е воведена оваа можност, е донесен во 2015 година. Вака изгледа електронска алка за куќен затвор. Се носи 24 часа, дури и во бањата, бидејќи е водоотпорна. Вкупно четиристотини вакви уреди се складирани во магацините на Управата за извршување санкции, близу до затворот Идризово, но не се воопшто употребени. Алките одат во комплет со приемник кој се инсталира во домот на затвореникот, заедно со уште еден помошен апарат.
„Опремата функционира, проблемот е околу одржувањето. Не сакаме да ставиме во функција нешто за кое што е потребна 24-часовна поддршка од производителот. Опремата кога е набавена 2015-та година, имало една година гаранција и во тој период требало фирмата која била ангажирана за одржување на опрема, таа опрема не била ставена во функција. Нормално, иако не била ставена во функција, рокот си поминал. Фирмата на својата доброволно стоела и следната година на располагање про боно. Кога дојдов јас во агуст 2017-та година, со фирмата имав контакти, кажаа дека трета година про боно не можат да одат, дека бараа одреден паричен надомест за тоа да се работи и се појави проблем каде што најмалку очекувавме, начинот на распишување на јавната набавка за одржување на опремата која што сметам дека не е прецизно дефинирана во Законот за јавни набавки, очекувам во текот на 2019-та година, односно на самиот почеток на 2019-та да најдеме решение за тој затекнат проблем, затоа што средствата за доржување на опремата ни се обезбедени за 2019-та година.“, објаснува Стојановиќ.
Досега не е изречена ниту една казна куќен затвор, иако Македонија, според извештаите на Советот на Европа, е при врвот според пренатрупаноста на затворите. Зошто никој не се потрудил електронскиот надзор да профункционира во двегодишниот период пред да истече гарантниот рок?
„Сепак се тоа прашања за мојот претходник на оваа позиција.“, додава Стојановиќ.
Опремата, обезбедена со пари од Европската Унија, функционира на следниот начин: Алката се заклучува на ногата на осуденикот и таа емитува сигнали до фиксниот апарат, кој пак е поврзан со централниот систем. Таму пробациски службеници ја следат секоја промена и контролираат дали осуденикот се движи во дозволениот радиус.
„Ако добиеме црвена слика значи дека сторил прекршок. Е сега шод прекршок се подразбра оштетување на опремата, бегство, се подразбира дека веднаш мора да реагираме, дека нешто не е во ред. Постапката налага веднаш да контактираме со престапникот, ако не добиеме повратен сигнал, веднаш го известуваме МВР да оди на лице место, а исто и ние ги имаме тие овластувања веднаш да одиме на лице место да видиме што не е во ред.“, ни кажа пробацискиот службеник Васил Димовски.
Куќниот затвор е најстрогата алтернативна мерка предвидена во Законот за пробација. Тој се однесува и на условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и условен отпуст. Секој осуденик што ќе добие ваква казна, добива и индивидуална програма за ресоцијализација, за чие исполнување се грижи пробациски службеник. И такви службеници постојат, иако немаат работа.
„Уште сме на почеток, мислам дека ќе имаме работа, добро соработуваме со судиите, колегите се супер. Имавме обуки за пробацијата, интензивно работиме, читаме законите, имаме студија на случај…“
„И сега уште останува да проработи пробацијата за да навлеземе директно во процесот.“, велат и останатите службеници.
Засега одделот за пробација има на располагање три простории во новата зграда на Кривичниот суд во Скопје. Канцеларии се отворени и во Куманово, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Велес, Штип и Струмица. Предвидени се вкупно 11 канцеларии. На ред се Кочани и Гостивар. Иако 25 пробациски службеници се веќе распоредени низ градовите, контакт со осуденици немаат.
Од ИПА фондовите лани се издвоени уште еден милион евра за твининг- проектот што се спроведува со помош на Германија и Холандија. Емилија Василевска, која е постојан твининг-соработник, вели дека да се изрече дури и само општокорисна работа, заедницата ќе има придобивки.
„Доколку е некој доктор стоматолог, стори кривично дело од областа на сообраќајот, може, наместо да оди во затвор да се изрече пробациска, односно алтернативна мерка – општокорисна работа, да ги прегледа забите на дечињата во основно школо.“, вели Василевска.
Со оглед на тоа што досега само во седум случаи е досуден условен отпуст, но на самиот истек на затворските казни, прашавме во Кривичниот суд, зошто не се носат одлуки со пробациски мерки.
„Потребно е да се напомене дека се работи за релативно нов закон за чие спроведување до овој момент беше неопходно исполнување на други технички услови кои не се во надлежност на судот. Судот е во постојана комуникација со Министерството за правда и Управата за извршување санкции во однос на спроведување на пробацијата.“, велат од Кривичен суд.
Заживување на пробацијата со нетрпение очекуваат и адвокатите.
„Јас би го кажал примерот за Норвешка, бидејќи таму се направи една голема реформа на затворскиот систем, таму моментално процентот на повратници или рецидиви е околу 20 посто, за разлика од претходно кога бил 60 отсто.“, вели адвокатот Александар Тумановски.
Дополнително, Тумановски смета дека електронскиот надзор треба да важи и за притворениците, оти притворските одделенија се во поочајна состојба од затворите, а судиите го избегнуваат куќниот притвор.
„Јас порано водев една статистика, ние имавме една кулминација со притворите во Република Македонија, таа во 2013-та достигна најголема бројка од 770 притвори, каде што од тие 770 побарани и одобрени притвори, многу малце беа куќен притвор. Досега во мојата пракса сум имал лица кои биле болни од рак, лица кои имале и други болести, срцеви заболувања, скоро имав случај кога лице доби срцев удар на издржување на мерката притвор, па воопшто не смогна сили ниту Судот ниту Обвинителство да побара замена на таа мерка, бидејќи нема начин како ако се определи куќниот притвор дека тоа лице би било таму да ја почитува таа мерка, каде што ќе биде определена. Во смисла ако има алка, тоа лице ќе има можност, мониторинг.“, додава тој.
„Во нашиот закон постои само куќен затвор, соработката во однос на домашен притвор е прашање на време кога ќе биде, затоа што во Законот постои можност за електронски надзор на тие лица, меѓутоа тоа е сепак соработка меѓу тие инстанци судот, МВР, Управата за извршување санкции, односно Министерството за правда, јас се надевам дека и тука ако има можност ќе има соработка.“, вели директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.
Да постоеше таква законска можност, можеби и Никола Груевски немаше да побегне, а и МВР и СЈО немаше да се препукуваат за предвреме да ја оттргнат одговорноста за евентуално ново бегство на некој од оние што сега се во куќен притвор.