Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, во координација со СВР Скопје, ги идентификувал сопственикот и еден од администраторите на групата „Јавна соба“, информираат од Министерство за внатрешни работи (МВР).
Двајцата се од Скопје, сопственикот е со иницијали Д.К., а еден од администраторите е со иницијали М.П.
„Во текот на истрагата преостанува да се утврдат останатите лица кои имале администраторски и модератороски улоги во групата. Со лицата е извршен службен разговор, а во текот на утрешниот ден, во соработка со надлежниот јавен обвинител од ОЈО, ќе се направат дополнителни консултации и ќе бидат презентирани доказите со кои располага МВР“,
објавија од Министерството.
МВР, посочуваат оттаму, ќе направи дополнителни анализи на содржината која беше споделена во групата со цел утврдување други нелегални активност и сторители, согласно со Кривичниот законик.
Паралелно на ова, во соработка со „Телеграм“, се преземаат активности за затворање на групата и добивање други релевантни докази од интерес на истрагата.
МВР апелира до членовите на групата да ја напуштат на своја иницијатива.
Ваквата потврда од Министерството следува откако претходно во текот на денот техничкиот министер Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска излегоа со различни информации за тоа до каде е расчистувањето на случајот.
„Сè уште не ни се познати администраторите, се работи за оперативни информации. Мора да ги потврдиме за да имаме релевантни податоци. Имаме одредени оперативни сознанија во смисла на администраторите, меѓутоа тоа сè уште е во оперативна фаза и во истрагата“,
рече Чулев на прес-конференција.
За разлика од него, пак, Петровска преку социјалните мрежи соопшти дека еден администратор и креатор веќе биле повикани во полициска станица.
*Поврзани вести:
Бирото за јавна безбедност започна истрага за групата со малолетничка порнографија на Телеграм
МВР чека Телеграм да ја избрише групата со експлицитни фотографии од малолетнички