За десет месеци направени се 17 000 снимања, кои требаше да се направат во период од две години, вели директорот на болницата Горан Балевски
Охридската општа болница веќе една седмица нема компјутерски томограф поради истрошеност на рендген-цевката.
Од Управата на здравствената установа појаснуваат дека се работи за дотраеност на апаратот, односно дека е последица на енормниот број направени снимања.
Директорот на болницата Горан Балевски вели дека месечно во установата се правени и по 600 снимања, што довело до предвремено трошење на цевката, што е ресурс со ограничен капацитет.
„Покрај пациенти од Охрид, еден период тука доаѓаа и пациенти од целиот регион, дури и од Битола, бидејќи едно време го покривавме и тој регион поради дефект на тамошниот томограф, а истовремено надвор од употреба беше и томографот во болницата ‘Св. Еразмо’. За десет месеци направени се 17 илјади снимања, кои требаше да се направат во период од две години. Едноставно, предвреме се потроши рендген-цевката“,
вели Балевски.
Станува збор за релативно скап дел, чија вредност е некаде над 100 илјади евра. За проблемот е известено ресорното Министерство за здравство, со очекување дека наскоро ќе се најде решение, дали преку сервис на постојниот или набавка на нов апарат.
Додека не се најде решение за проблемот, пациентите од Охрид, кои имаат потреба од тој вид снимање, се упатуваат во болницата во Струга.
