Кај некои пациенти терапијата ќе почне утре, а кај останатите во наредните денови. Од осумте пациенти, два се во навистина критична состојба и тие ќе бидат третирани на Клиниката за пулмологија. Ефектот од терапијата тука е неизвесен, но секако ќе пробаме ако можеме да им ја подобриме белодробната болест. Седум пациенти имаат над 18 години, а еден пациент е дете, вели директорката на Клиниката за детски болести

Лекот „трикафта“ за лицата со цистична фиброза пристигна на Универзитетската клиника за детски болести, соопшти денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
„Очекуваме со оваа терапија значително да се подобри квалитетот на животот на пациентите со цистична фиброза“,
нагласи министерот додавајќи дека во соработка со другите институции е решено најгорливото прашање на оваа категорија пациенти.
Директорката на Клиниката за детски болести Стојка Фуштиќ рече дека лекот е пристигнат утрово и веќе се примаат пациенти кои треба да започнат со терапија.
„На Клиниката примаме шест пациенти, а два ќе се водат на Клиниката за пулмологија. Кај некои пациенти терапијата ќе почне утре, а кај останатите во наредните денови. Од осумте пациенти, два се во навистина критична состојба и тие ќе бидат третирани на Клиниката за пулмологија. Ефектот од терапијата тука е неизвесен, но секако ќе пробаме ако можеме да им ја подобриме белодробната болест. Седум пациенти се над 18 години, а еден пациент е дете“,
додаде Фуштиќ.
Таа објасни дека станува збор за годишна терапија, со која на пациентите еднаш месечно ќе им се дава таблетарна терапија.
„Ќе примаат две таблети сабајле од комбиниран модулатор и една навечер. Терапијата ќе ја примаат дома и не се врзани со хоспитализација“,
појасни таа.
За најавите дека освен овие пациенти можно е со лекот „трикафта“ да бидат опфатени и уште четири други лица, Фуштиќ рече дека имаат добиено нешто пониска цена од предвидената, од онаа јавно објавена и затоа дадовме барање до Фондот за здравство, дополнително во рамките на истиот буџет, да бидат вклучени уште четири пациенти.