Како што информира денеска МВР, до 10 часот било пријавено дека на електронските адреси на 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа
По информацијата утрово дека пристигнале дојави за бомби во 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп, со реакција на Фејсбук се јавија неколку скопски градоначалници.
Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, информира дека дојави за поставени експлозивни направи пристигнале на адресите на сите 11 основни училишта на територијата на општината.
„Од страна на директорите на училиштата веднаш се спроведени протоколите за евакуација на учениците и сите дечиња во овој момент се надвор од училишните згради и се на безбедно.
напиша Стефковски.
За пристигнатите дојави е пријавено во надлежните институции и се очекува да започнат проверките на терен. Изразувам најостра осуда кон креаторите на ваквите појави. Ова е недозволиво! Апелирам и барам, надлежните институции да преземат итни и неодложни чекори и мерки со цел оваа појава час поскоро да запре. Недозволиво е вакви појави веќе подолг период да ги вознемируваат учениците и родителите“,
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека закани за бомби пристигнале во шест од вкупно осум основни училишта во Центар. Тој повика на смиреност и следење на протоколите.
„На електронските пошти на основните училишта во Центар, ООУ „Ј.Х. Песталоци“, ООУ „Коле Неделковски“, ООУ „Димитар Миладинов“, ООУ “Гоце Делчев“, ООУ „11 Октомври“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, стигнала порака за поставена бомба. Единствено нема потврда за ООУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец. Случаите се пријавени во полиција и евакуирани се учениците, наставниот и останатите вработени во училиштата. Полициски службеници вршат антитерористички проверки. Искрено се надевам дека конечно оваа серија лажни дојави на поставени бомби, кои сериозно не вознемируваат ќе заврши и ќе се открие кој стои зад нив. Уште еднаш повикувам на смиреност и следење на протоколите во овие ситуации“,
напиша Герасимовски.
Дојави за бомби имало и во сите основните училишта во Општина Ѓорче Петров.
„Во сите општински основни училишта во Ѓорче Петров има пристигнато дојави за поставени бомби. Спроведени се протоколите за евакуација на учениците и цел образовен кадар. Сите во моментов се наоѓаат на безбедни локации. Очекувам експресна реакција од надлежните служби за јавен ред и мир и безбедност и истовремено најостро го осудувам овој чин. Апелирам што поскоро надлежните институции да преземат итни чекори. Оваа појава мора веднаш да се искорени. И децата и родителите се вознемирени, а дојавите за бомби, за жал, ни станаа секојдневие“,
објави на официјалниот фејсбук-профил градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Дојави за бомби утринава имаше и во неколку основни училишта во Карпош. Според нашите информации, евакуирани биле учениците од основните училишта „Христијан Тодоровски Карпош“ и „Вера Циривири Трена“.
Како што соопшти денеска МВР, до 10 часот било пријавено дека на електронските адреси на 32 училишта во Скопје и едно во Прилеп е упатена закана за поставена експлозивна направа.