Независно од динамиките во Бугарија имам убедување дека со луѓето што имаат политичка одговорност пред граѓаните полесено се договара и преговара и се преземаат обврски, отколку со луѓе што не добиле таков политички мандат. За жал, имаше такви луѓе што го водеа овој процес во Република Бугарија, кои ниту добиле мандат од граѓаните, ниту имаат некаква политичка обврска пред нив – вели шефот на дипломатијата
Луѓето со политички мандат и одговорност пред граѓаните што ги избрале имаат поинаков поглед кон односите во регионот и во меѓусоседските односи, е коментарот на министерот за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“, прашан за очекувањата од новата влада во Бугарија. Османи е оптимист дека ќе се подобрат односите со Република Бугарија, велејќи дека номинацијата за нова шефица на дипломатијата, Марија Габриел, е меѓу луѓето со политички мандат за разлика од, како што вели, оние на кои прашањето за Северна Македонија им е само „работна задача“.
„Независно од динамиките во Бугарија имам убедување дека со луѓето што имаат политичка одговорност пред граѓаните полесено се договара и преговара и се преземаат обврски, отколку со луѓе што не добиле таков политички мандат. За жал, имаше такви луѓе што го водеа овој процес во Р. Бугарија, кои ниту добиле мандат од граѓаните, ниту имаат некаква политичка обврска пред нив. И затоа сметам дека политичка влада, односно недостаток на политичка влада беше еден од факторите за тешки односи со Бугарија во овој период и ова е мое искуство. Не е наука, туку е мој впечаток од овие две и пол години“,
рече министерот за надворешни работи.
Во однос на обвинувањата од бугарскиот министер за надворешни работи во службената влада, Иван Кондов, за споредбите од премиерот Ковачевски дека Бугарија се однесува кон Македонија како Русија кон Украина, Османи повтори:
„Апсолутно, ние не ја етикетираме целата бугарска политика како руска, бидејќи сме имале добра соработка во одредени периоди, се надеваме дека сега со новата бугарска влада ќе отвориме ново поглавје. Јас сметам дека еден од најголемите хендикепи во односите овие две и пол години е немање политичка волја“.
За неодамнешниот министерски состанок во Брисел, шефот на дипломатијата вели дека тој цитирал и парафразирал изјави на бугарски политичари за останатите претставници на земјите членки на ЕУ да заклучат за што станува збор.
„Бугарски политичари доаѓаат со мапа на Република Бугарија при што Северна Македонија е дел од таа мапа, што се разбира, предизвикува вознемиреност кај нас и кај граѓаните и оттука, нормално е да има и такви впечатоци дека тие политики личат често на руската политика во Украина, но не мислам дека премиерот смета дека целата политичка сцена во Бугарија е таква“,
додаде Османи.
*Други вести од гостувањето на Османи во „360 степени“:
- Изјавите на Мицкоски за бинационална држава се трагични и разочарувачки – оценка на Бујар Османи
- Османи: Нема причина за предвремени избори наесен, туку за одлука – одиме кон ЕУ или остануваме во чекалната
- Проблемите во државата се впечаток засилен од опозицијата една година пред избори, смета Османи
- Османи за „самоисклучувањето” на „огнените“: Тие го прекршија статутот на ДУИ, а тоа носи одредени одговорности