Немам забележано апсолутно никаква разлика во ставови или забелешки по однос на работењето на кој било од коалициските партнери и мислам дека тоа е важно, другото нема да го коментирам, вели Османи по изјавите на Азир Алиу дека ДУИ треба да оди во опозиција
Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека владината коалиција добро функционира и нема никакви разлики во дејствувањето. Османи својот став го кажа денеска одговарајќи на новинарско прашање за тоа како гледа на изјавите на министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, кој е од Алијанса за Албанците, во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, каде што вели дека ДУИ треба да замине во опозиција.
„Во Владата немаме никакви разлики, најсоодветно комуницираме, соработуваме сите министри дали од Алијанса, дали од ДУИ, дали од СДСМ. Немам забележано апсолутно никаква разлика во ставови или забелешки по однос на работењето на било кој од коалициските партнери и мислам дека тоа е важно, другото нема да го коментирам“,
рече Османи денеска по отворањето на Годишната конференција за сајбер/ИКТ безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“.
Според Османи, важно е дека во Владата има добри меѓучовечки релации и добра професионална соработка.
„Како министри и како коалициски партнери во рамките на Владата апсолутно немам забележано дека имаме некакви разлики во дејствувањето“,
додаде Османи.
Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во интервјуто на ТВ21 вели „ДУИ треба да се ’апдејтира’ и да оди во опозиција“.
„Треба да ја актуализираат опозицијата, опозицијата е здрава“,
рече Алиу.
Според Алиу, Алијансата за Албанците треба да излезе сама на претстојните избори, а не на заедничка листа со СДСМ и ДУИ.
„Убавината на Алијансата за Албанците е што зборуваме отворено и без ракавици во медиумите и во партијата, дури и кога сме на кафе. Така да зборуваме гласно и секој од нас го дава своето мислење иако понекогаш внатрешно не се согласуваме, но сепак сме гласни и ги анализираме сите процеси кои се позитивни и негативни. Засега Алијансата за Албанците придонесе и во опозицијата и во позицијата и сега мора сама да се обиде“,
рече Алиу.
Алиу вели и дека неговата партија, Алијанса за Албанците, како политички субјект воопшто не зажалила што станала дел од Владата.
„Пишман, не сме. Само треба повеќе да се трудиме отколку кога би имале четиригодишен мандат“,
додава Алиу.
Според него, за да се биде дел од Владата во последната година од мандатот, треба повеќе да се работи.