Актуелниот претседавач со ОБСЕ и министер за надворешни работи на С Македонија, Бујар Османи од утре ја почнува четиридневната посета на регионот Јужен Кавказ. Посетата тој ќе ја започне од Тбилиси, Грузија, по што ќе продолжи кон Азербејџан и Ерменија.
Од Министерството за надворешни работи (МНР) соопштија дека на првиот ден Османи ќе оствари средби со највисоките државни претставници на Грузија, претседателката Саломе Зурабишвили и премиерот Иракли Гарибашвили, како и со министерот за надворешни работи Илиа Дарчиашвили, по што министрите ќе имаат заедничка изјава за медиумите.
„Претседавачот Османи во Грузија ќе ја пренесе и пораката од важноста на улогата на Грузија како земја учесничка на ОБСЕ, која е клучно место за меѓурегионалните иницијативи, како и дека ОБСЕ ќе продолжи да дава суштинска поддршка во спроведувањето на заложбите во трите димензии, што, пак, ќе придонесе за спроведување на внатрешните реформски процеси“,
се вели во соопштението од МНР.
Покрај со државниот врв на Грузија, Османи ќе оствари разговар и со Делегација на Парламентарното собрание на ОБСЕ од грузискиот парламент, како и со претставници на граѓанскиот сектор и на националните малцинства.
Во рамки на посетата, заедно со Мониторинг-мисијата на Европската Унија во Грузија, Османи ќе ги посети погодените региони, каде што ќе одржи средби со граѓаните кои живеат во тие предели, со цел директно од нив да дознае повеќе за предизвиците со кои се соочуваат.
По Грузија, Османи ќе замине во Баку, Азерјбеџан, каде што исто така ќе оствари средби со државниот врв. Четиридневната посета Османи ќе ја заврши во Ерменија.