Следниот чекор е барањето на Косово да стане членка на Советот на Европа да биде разгледано на пленумот на Парламентарното собрание на Советот на Европа и да се гласа и таму, а состанокот се очекува да се одржи на 18 април. Сепак, последниот збор дали Косово ќе стане членка на Советот на Европа ќе го даде Комитетот на министри на Советот на Европа
Очекуваме априлската седница на Парламентарното собрание да биде последен чекор во процесот на членство на Косово во Советот на Европа. Ова денеска на својот фејсбук-профил го напиша министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на претстојните избори Бујар Османи, за вчерашната одлука на Комисијата за политички прашања и демократија на Парламентарното собрание на Советот на Европа која даде позитивно мислење за барањето на Косово да стане членка на оваа организација, со 31 глас „за“, четири „против“ и еден воздржан.

„Честитки за одлуката на Комитетот за политички прашања на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ја поддржа препораката во Мислењето за апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа. 31 глас ‘за‘ и четири ‘против‘ се важен чекор на политичкиот комитет на собранието на Советот на Европа“,
вели Османи.
Според него, треба да се даде поддршка за континуираната посветеност на Косово, како што вели, кон вредностите на демократијата, човековите права и владеењето.
На состанокот на комисијата во Париз се гласало за извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, во кој имало препорака Косово да биде примено во Советот на Европа. Бакојани побара од Приштина да исполни три услови, од кои е исполнет само еден – враќање на имотот на манастирот Високи Дечани.
Следниот чекор е барањето на Косово да стане членка на Советот на Европа да биде разгледано на пленумот на Парламентарното собрание на Советот на Европа и да се гласа и таму, а состанокот се очекува да се одржи на 18 април.
Сепак, последниот збор дали Косово ќе стане членка на Советот на Европа ќе го даде Комитетот на министри на Советот на Европа.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, за српските медиуми изјавил дека прифаќањето на препораката на Комитетот за политички прашања на Советот на Европа Косово да биде примено во Советот на Европа претставува директно кршење на интересите на Србија, нивниот суверенитет и интегритет, но и кршење на принципите на кои почива и самиот Совет на Европа.
Според него, овие одлуки доаѓаат во време кога Приштина ја блокира српската валута – динарот и, како што вели, го доведува српскиот народ кој живее во Косово во состојба на хуманитарна катастрофа.