Со законските измени, како што посочи Османи минатата недела, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки, покрај тероризмот и пролиферацијата на оружје. Измените, покрај актуелната мерка за конфискација на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука
Премиерот Ковачевски вели дека овие измени се важни затоа што С Македонија е стратешки партнер со САД и има исклучително добар однос со Велика Британија

Владата ги одобри измените на законот за рестриктивни мерки, со кои американските и британските „црни листи“ стануваат основа за санкционирање и од нашите институции. Ова попладнево, по владината седница, на својот фејсбук-профил го соопшти министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Денеска и премиерот Димитар Ковачевски рече дека на законот интензивно се работело изминатите денови.
„Како што ме информираше еден од министрите кои учествуваа во работата, бидејќи утрово комунициравме, законот е финализиран, но не сакам финално да кажам затоа што можеби некој од министрите кои биле вклучени ќе треба да дадат некои дополнителни забелешки, меѓутоа ако е финализиран тој ќе биде денеска на седница на Влада или веќе на наредната. Меѓутоа тој закон ќе оди “,
рече Ковачевски денеска откако беше прашан дали законот ќе се најде на владина седница.
Прашан зошто се важни овие измени, Ковачевски рече дека тоа е затоа што С Македонија е стратешки партнер со САД и има исклучително добар однос со Велика Британија.
„За ЕУ не треба да елаборираме со оглед на тоа дека сме држава која преговара и која ќе стане членка. Кај нас, во нашиот Закон за транспордирање на санкции ние веќе имаме воведено санкции во однос на одлуки кои ги носи ЕУ и Обединетите нации и тоа во делот на трговија со оружје и во делот на финансирање на тероризам и на слични активности“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека сега се прави проширување, кое што, како што рече, ќе ги опфаќа и постојните одредби, ќе се дополни со санкции кои ги воведуваат САД.
„Членството во НАТО не значи само ставање знаме пред официјалните државни институции, тоа значи воведување на стандарди, воведување на отчетност, поголемо владеење на право. Велика Британија исто така, е држава која од првиот ден на нашата независност е наш стратешки партнер. Овие измени ќе овозможат и вклучување на лица, носители на јавни функции, кои согласно со законите на овие држави се санкционирани и на тој начин ќе се отвори простор да тие докази што тие ги имаат да бидат споделни со нашите институции на официјален, канализиран начин за да може потоа да се носат соодветни одлуки од соодветните органи во државата“,
додаде Ковачевски.
Министерот Османи минатата недела на брифинг со медиумите информираше дека Министерството за надворешни работи почнува јавна расправа по однос на измените на Законот за рестриктивни мерки.
Со законските измени, како што посочи Османи, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки, покрај тероризмот и пролиферацијата на оружје. Измените, покрај актуелната мерка за конфискација на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука.
„Откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите материјални и нематеријални докази до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение, тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки сè до правосилна судска одлука“,
појасни Османи.
На т.н. „црна листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се најдоа и имињата на ексвицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓучев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.