Внесувањето на Бугарите во Уставот е важно бидејќи со тој акт ќе се даде насока во однос на тоа како ќе се постават македонско-бугарските односи на долг рок, но и бидејќи само на тој начин ќе продолжи процесот на преговори на земјата за членство во Европската Унија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека додека Бугарија се обидувала односите да ги става во историски контекст, македонската страна нашла решение со кое ќе се трасира патот на односите меѓу двете земји и народи со воспоставување комуникација меѓу двете заедници.
„Тие односи ќе се постават на начин на комуникација меѓу две заедници, мнозински македонски народ и малцинска бугарска заедница, коишто живеат во еден нормален соживот во Република Северна Македонија. Така ќе се трасира и патот на односите меѓу двете земји, на двата народа“,
вели Османи.
Решавањето на ова прашање на ваков начин, според Османи, е важно за да продолжи процесот на преговори за членство во ЕУ.
„Ние ќе мора да постигнеме натпартиски консензус, да ги оставиме интересите на дневната политика, да седнеме и да ги анализираме сите аспекти про ет контра за уставните измени. Ве уверувам дека и на експертско и на политичко ниво, и на било кое друго ниво, ќе доминираат аргументите „за“ за уставните измени бидејќи тие се во наш интерес“,
вели министерот за надворешни работи.
Тој во интервјуто за „Рацин“ се осврна и на претседавањето на земјава со ОБСЕ во време кога Русија изврши воена агресија врз Украина.
„Фактот дека сме мала држава се покажа дека не е обесхрабрувачки за да бидете важен на меѓународната сцена. Тоа значи дека доколку имате вредности и рефлектирате вредности, тоа светот го препознава и ве вклучува за да ги обликувате прашањата и на светско ниво. Тоа е приказната на Република Северна Македонија“,
вели Османи.
Тој вели дека земјава станала пример за градење вредности, па затоа не зачудува што косовско-српскиот дијалог се префрлува во Охрид, но и тоа што било прифатено Молдавија, односно Кишињау и Трансњистрија преговорите да ги продолжат во Скопје.