Северна Македонија ќе остане да биде гарантор и чувар на принципите и заложбите на ОБСЕ и само со почитување на истите, може да се продолжи со решавање на војната, порачал Османи на средбата со полскиот колега
По посетата на Украина, министерот за надворешни работи Бујар Османи во улога на претседавач со ОБСЕ ја посети Полска каде се сретна со претходниот претседавач, шефот на полската дипломатија, Збигњев Рау.
Османи му ги пренел впечатоците од посетата на Украина, особено во загрозените подрачје, а со Рау заеднички уште еднаш ја осудиле руската агресија против Украина. Мора, вели Османи, како ОБСЕ да обезбедиме простор за дипломатско решение.
„Колку и да се обесхрабрувачки најновите случувања на теренот, треба да продолжиме упорно да работиме на стопирање на агресијата, на повлекување на руските воени сили од Украина и да обезбедиме простор за дипломатско решение кое ќе обезбеди стабилен и долгорочен мир“,
потенцирал Османи.
Тој потсетил и дека ОБСЕ може да понуди ресурси и механизми за изнаоѓање излез од ситуацијата, како и за ублажување на последиците од војната.
„Северна Македонија ќе остане да биде гарантор и чувар на принципите и заложбите на ОБСЕ и само со почитување на истите, може да се продолжи со решавање на војната, колку што е можно поскоро, со цел да се намалат страдањата на луѓето. Водени од нашето мото ’За луѓето се работи‘, наш фокус ќе биде да им се помогне на луѓето, и тоа не само во Украина, што е од најголема важност, туку и на другите региони кои се опфатени со влијание од продолжени конфликти“,
рекол Османи.
Тој заедно со Рау ја сочинуваат тројката претседавачи во која се претходниот, актуелниот и идниот претседавач. Со оглед дека сè уште нема консензус кој по Северна Македонија во 2024 година ќе претседава со ОБСЕ, Османи неодамна најави дека ќе ја покани Финска да биде дел од тројката.
Според правилата, министерот за надворешни работи на Полска како претходен претседавач, оваа 2023 кога Северна Македонија претседава со Организацијата, тој ќе претседава со Групата за соработка на ОБСЕ со азиските партнери.