Неколку дена пред распишувањето на изборите, вицепремиерот за европски прашања открива дека една од владејачките партии стравува од незаконит изборен процес доколку не бидат прекроени шесте изборни единици
Нерамномерната распределба на гласачи во шесте изборни единици е причината поради која измените во Изборниот законик, кои треба да бидат усогласени со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, не стигнуваат во Собранието и во последните денови пред неговото распуштање. Вицепремиерот Бујар Османи, во интервју за МИА, откри дека владејачката ДУИ свесно го кочи Изборниот законик поради потребата од прекројување на границите на изборните региони.
Османи потврдува дека пред неколку дена претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, испратил писмо до Министерството за правда, укажувајќи дека првпат во четири изборни единици има девијација од над 5 проценти, што е надвор од законските ограничувања.
„Разликата меѓу шестата изборна единица и третата изборна единица е околу 40.000 гласачи, што ги прави гласачите нерамноправни, односно нивниот глас при нивниот избор нема иста тежина. И ова е причината и точно е дека ДУИ го кочи во моментот во Собранието Изборниот законик, затоа што не сакаме да ја преземеме одговорноста за незаконитост на изборниот процес. Постојат најави дека луѓето може да поднесат претставка до Уставниот суд за незаконитост на изборниот процес и тоа дополнително да го комплицира не само изборниот процес туку и политичката ситуација воопшто“,
вели Османи.
Тој вели дека затоа предложиле прецизни промени, односно преместувања на изборни места од една во друга изборна единица, со цел сите изборни региони да се приближат до законскиот лимит од плус или минус пет проценти отстапување.
„Апелираме до политичките партии да го прифатат овој амандман на ДУИ бидејќи негова цел е единствено законитоста на процесот и овозможување на рамноправност во тежината на гласот на секој граѓанин во која било изборна единица. Се надеваме дека политичките партии ќе одговорат на оваа потреба и нема да ризикуваат незаконит изборен процес, кој дополнително може да ја отежне политичката состојба во земјава“,
порачува Османи.
Тој вели дека донесувањето на Изборниот законик е од исклучително важно за регуларноста на изборниот процес и тоа од повеќе аспекти. Прво, затоа што треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, што е особено важно во пресрет на европските самити. Но и поради тоа што првпат влегуваме во еден нов начин на финансирање на изборните кампањи, каде што многу прашања треба да се регулираат.
„За сите овие прашања постигнавме консензус помеѓу политичките партии. Едно прашање кое е исклучително важно и од кое зависи законитоста на изборниот процес е разликата во бројот на гласачи во различните изборни единици“,
посочи Османи.
ДУИ, исто така, во парламентот ги блокира другите два предлога за измена на Изборниот законик, со кои се предвидува воведување една изборна единица за парламентарни избори и отворени листи за советници на локални избори. Овие предлози се на помалите парламентарни партии, така што главно ДУИ, но и ВМРО-ДПМНЕ, ја блокираат процедурата за нивно евентуално донесување со илјадници амандмани. Што се однесува до изборните единици, регуларни според бројката на гласачи се единствено првата и петтата ИЕ. Во втората и шестата ИЕ има пречекорување, додека во третата и четвртата е регистриран значително помал број на гласачи.
*Поврзани текстови :
Тетовската и кумановската изборна единица натрупани со гласачи