На прес-конференцијата во Скопје, словачкиот министер Корчок изрази надеж дека преговарачката рамка ќе се усвои за време на португалското претседателство, но потсети дека е потребен консензус од сите земји членки на ЕУ
Свесни сме дека во ЕУ не треба да внесуваме недоразбирања, но објективен е впечатокот кај нас и кај другите во регионот дека принципот на интеграција станува нејасен, непредвидлив и не наградува според учинок, туку според моменталните политички состојби, оцени денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
На прес-конференцијата со словачкиот министер за надворешни и европски работи Иван Корчок, тој рече дека словачката поддршка воопшто не е спорна, туку е јасна, недвосмислена и принципиелна, а таква одлука донесе и Советот на ЕУ во март.
Министерот Корчок повтори дека поддршката за евроинтеграциите останува и за тоа има две причини: нашата волја и интересот на земјите членки за Западен Балкан да стане дел од ЕУ.
Сепак, тој рече дека одлуките се носат со консензус од 27 земји членки, изразувајќи надеж дека усвојувањето на преговарачката рамка ќе биде во португалското претседателство.
„Не може да запреме поради пандемијата кога станува збор за проширувањето, ги цениме државите според исполнетите критериуми и ќе повторам, ние сакаме да оди напред тој процес, но за тоа е потребен консензус и пандемијата не може да не запре во исполнување на таа агенда. Словачка ќе биде партнер“,
рече Корчок.