Шефот на дипломатијата, Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите на кој го презентираше билатералниот протокол кој денеска го потпиша во Софија заедно со неговата бугарска колешка Теодора Генчовска рече дека преговорите со Европската Унија почнуваат во вторник со првата меѓувладина конференција во Брисел.
„Во вторник не само што почнуваат преговорите, не само што ќе има класична прва меѓувладина конференција, ќе има отворачка изјава. Почнува скринингот истиот ден, еве ова прво го кажувам. Скринингот почнува истиот ден попладнето. Од тој момент почнуваат да се бројат деновите до членство. Од тој момент почнуваат поглавјата, експертите од ЕУ да влезат во нашите институции, да го направат скринингот“,
рече Османи.
Прашан зошто е потребна втора меѓувладина конференција, министерот за надворшени работи рече дека во преговорите Софија добила условување на втората меѓувладина конференција со уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот.
„Тоа е компромисот. Ние ги добивме трите најважни прашања за нас, Република Бугарија доби условена втора меѓувладина конференција“,
вели Османи, појаснувајќи дека трите клучни точки за Северна Македонија се јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавја и преговорите да почнат веднаш.