Османи вели дека, пред неколку дена, добил писмо од министерот за надворешни работи на Руската федерација во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Македонија. Тоа, според Османи, претставува предизвик заради тоа што воздушниот простор на С Македонија, како и на соседните земји, е затворен за државни руски авиони и тука ќе треба да се направат логистички напори
Над 1 000 гости од 76 делегации ќе присуствуваат во Скопје на министерскиот годишен собир на ОБСЕ што ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември. Тоа ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски” каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот.
Скопје, во овој период, како што рече Османи ќе биде домаќин на делегации од САД, Велика Британија, но се уште е неизвесно дали во делегацијата на Руската федерација ќе биде и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.
Османи вели дека, пред неколку дена, добил писмо од министерот за надворешни работи на Руската федерација во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Македонија.
„Има одредени предизвици во делот на тоа прашање прво заради тоа што воздушниот простор на С Македонија, како и на соседните земји, е затворен за држани руски авиони и тука ќе треба да се направат логистички напори за да се обезбеди. Инаку, по правило сите земји учеснички треба да присуствуваат на министерскиот совет на ОБСЕ, но дали конкретни личности ќе има сепак ќе зависи од одредени одлуки што ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека ќе успееме сите да бидеме во Скопје“,
рече Османи.
Одлуката за иднина на ОБСЕ се очекува да биде донесена во Скопје
Според Османи, суштински ова е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.
„Првпат нема претседавач за 2024 година, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање“,
рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје.
Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.
Одлуката за иднина на ОБСЕ, како што рече, очекува да биде токму во оваа сала и дека собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот.
На новинарско прашање дали С Македонија ќе прифати и во 2024 година да биде претседавач, Османи рече дека се работи на неколку сценарија, а првото, според него е Естонија да биде претседавач, бидејќи е единствениот формален кандидат, но се соочува со немање поддршка од една земја учесничка.
„Во овој период разговарав со сите министри за надворешни работи барајќи алтернативна земја и уште работам на тоа. Се надевам дека во наредните денови ќе најдеме земја која ќе добие консензус од сите земји. Ако се исцрпи и таа варијанта да не може да се обезбеди, тогаш Северна Македонија, и покрај сите потешкотии, нема да дозволи организацијата да остане без претседавач. До последната минута ќе работам да најдеме, веќе сум на добар пат, но треба да се направат дополнително консултации со земјите дали би била таа земја прифатлива за сите“,
одговори Османи.
Министерот и претседавач со ОБСЕ, Османи вели дека теоретски постои можност светлата на ОБСЕ да бидат изгаснати токму во Скопје, иако не верува дека земјите ќе дозволат такво нешто.
„ОБСЕ навистина се покажа како додадена вредност за овој регион на светот, таа е најголемата безбедносна, регионална организација во светот, со 1,3 милијарди луѓе кои живеат во тој регион и принципите и обврските на ОБСЕ дефинирани во Хелсиншкиот финален акт беа темели на мирот и безбедноста во овој регион. Сметам дека иако поради војната во Украина ОБСЕ не е во состојба да го покаже целосниот свој капацитет, очекувам дека во наредните години, по постигнување на мир, токму ОБСЕ ќе биде тоа што прво ќе ги имплементира принципите на било кој договор кој евентуално би се случил во Украина. ОБСЕ е важен и за земјите од Западен Балкан, најголемата мисија на ОБСЕ е во Косово, има мисија во Босна, во Белград, Скопје“,
додаде Османи.
На прашањето како очекува да биде донесена одлука за иднината на ОБСЕ ако не дојде рускиот министер и дали Русија би се согласила на тоа без нејзино присуство, Османи рече дека Руската федерација ќе учествува во Скопје како држава со свои претставници, меѓутоа, додаде тој, навистина ова е време кога сите треба да излеземе од тој пристап кога само државниот интерес е пред се, пред тој колективен интерес.
„Очекувам дека и Руската федерација ќе покаже знаци на компромис и соработка со цел да го олесни процесот на обезбедување на целосно присуство“,
рече Османи.
Османи додаде и дека за целата организација на настанот има водич на ОБСЕ и Министерството за надворешни работи веќе година ипол се подготвува.
Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.
Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.
Договорот со рентакар компанијата е рамковен, како резервен план
Во однос на возилата кои ќе бидат изнајмени и средствата што ќе треба да се платат за нив на рентакар компанијата, Османи го повтори ставот, кој пред неколку дена го изнесоа и од МНР, дека станува збор за рамковен договор.
„Договорот што го постигнавме со рентакар компанијата е рамковен, како резервен план. Ние мора согласно стандардите на ОБСЕ да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација и тоа од денот кога доаѓаат до денот кога заминуваат. Договорот е направен по возило и по ден и во него јасно стои дека министерството нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Откако ќе ги исцрпиме сите домашни капацитети, тогаш остатокот што нема да може да го обезбедиме ние ќе имаме од каде да црпиме возила. Мора тоа да го направиме и да обезбедиме возила. На тендерот имаше само една комапнија, а зошто треба да се прашаат компаниите“,
додаде Османи велејќи дека веројатно немаат толку возила и мора да се обезбедат од други градови, држави, комапнии бидејќи ниту една агенција нема толку возила на број во одреден период со такви спецификации и од такви димензии.
Реакциите, кои ги има во јавноста во однос на средствата што ќе се потрошат за овој настан, Османи вели дека ги разбира затоа што, како што рече, ние не сме навикнати на настан од вакви димензии.
„Ова е друга лига за државата. И се разбира дека кога ги споредуваме со други настани може да ни изгледаат дека се поголеми, меѓутоа настан од такви димензии се разбира дека има и трошоци“,
додаде Османи.