Вицепремиерот рече и дека е потребно враќање на функционалноста на собраниските тела, кои во моментов не функционираат бидејќи Собранието е распуштено поради изборите
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска повика политичките партии и претседателот Стево Пендаровски да постигнат државен консензус во пресрет на преговорите со Европската Унија.
Неговото барање за лидерска средба, рече, не е поврзано со конкретно прашање, туку да се постигне еден консензус за позициите на земјата кои тој ќе треба да ги претстави на првата меѓувладина конференција.
„Дозволете да иницирам, секако преку Владата и координиран настап на претседателот, да почнеме процес на изградба на нашиот државен консензус за инклузивна постапка со вклученост на сите политички субјекти“,
рече Османи.
Ваквиот повик доаѓа во пресрет на објавувањето на преговарачката рамка за земјава. Наредните два дена, рече тој, Европската комисија треба да ја финализира првата нацрт-верзија на рамката која ќе биде доставена на разгледување до земјите членки. Првичната верзија на преговарачката рамка ќе биде проследена и со мини извештај. Тие, според Османи, ќе бидат доставени до КОРЕПЕР – тело составено од амбасадорите, а потоа и на КОЕЛА – Комитетот за проширување на ЕУ составен од претставници на сите земји со што почнува и фактичкото усогласување на преговарачката рамка.
„До крајот на месецот, до крајот на хрватското претседателство, се очекува да се објави верзија која ќе ги вклучи првичните ставови, потоа следи усогласување кое за другите земји траело 2-3 месеци, што би било во рамки на германското претседавање. Тоа е стандардна процедура која ја поминале сите земји членки, но тоа што е важно за нас е дека означува нов исчекор, ново скалило кон првата меѓувладина конференција“,
рече Османи.
Затоа порача тој дека постојат прашања за кои мора да се иницира дебата и да се постигне државен консензус со цел подготвени да ја дочекаме меѓувладината конференција.
Вицепремиерот очекува нацрт-верзијата на преговарачката рамка да биде неутрална визави националните позиции на одредени земји. Понатаму, во процесот на усогласување, рече тој, земјите ги ставаат своите позиции во рамката, а за да бидат конечни мора на нивните барања да се согласат и останатите 27 земји-членки, а ако некоја земја инсистира на асиметричност тогаш ние можеме да бараме помош од останатите.
Покрај тоа, рече Османи, потребно е и враќање на целосната функционалност на собраниските тела: Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања.