Само државјани на Република Северна Македонија ќе можат да бидат избрани за шефови на ДКП, односно за амасадори
Новиот нацрт-текст на Законот за надворешни работи предвидува нов систем на вработување, оценување и унапредување на дипломатите, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Тој на денешната прес-конференција посочи дека со овој Закон се намалуваат дискреционите права на министерот.
„Ако во сегашното законско решение министерот ги назначува директорите без некоја посебна процедура во Министерството, во новиот Закон предвидуваме Комисија која ќе рангира дипломати кои исполнуваат одредени критериуми кои ќе му бидат предложени на министерот за да избере од нив директор на одредени директорати“,
рече Османи.
Тоа според него е нов квалитет во давање на сила на професионална дипломатија и во водење на политики во Министерството за надворешни работи.
Исто така, се воведува нова позиција генерални директори кои ќе раководат со два или повеќе директорати, но факт е според Османи, дека се намалува можноста на министерот директно да ги назначува директорите во МНР.
Со овој Закон, во однос на шефовите на дипломатско-конзуларните претстанвиштва (ДКП) се зацврстува решението дека само државјани на Република Северна Македонија можат да бидат избрани за шефови, односно за амасадори.
Исто така, се поставува лимит од 75 проценти од амбасадорите да бидат од Министерството за надворешни работи, однсосно професионални дипломати на сметка на политички номинирани дипломати, поточно тие кои доаѓаат од општествениот живот. Ова според Османи е крупен исчекор бидејќи значитено ќе се професионализира службата.
Во овој дел како што рече тој, се воведува концептот на економската дипломатија, односно посебна служба на економски советници кои ќе бидат во ДКП, а кои што ќе работат во функција на промовирање на економските потенцијали на земјата, но и на привлекување на странски инвестиции.
Османи посочи дека за овој нацрт закон се консултирани бројни институции. Консултирани се синдикатите во Министерството за надворешни работи, и според него, ова е добра основа за откако ќе ги помине сите филтри на системот, да биде усвоен во Собранието.
„Законот ги регулира јасно и прецизно надлежностите на чинителите во надворешната политика, вклучувајќи го тука претседателот на државата, Собранието, Владата, министерот за надворешни работи, Министерството за надворешни работи, но исто така го прецизира и односот помеѓу нив, комуникацијата меѓу нив, со цел полесно да се создаде една усогласена кохерентна надворешна политика, која ќе биде основа за да ја промовираме државата како сериозен и кредибилен партнер на меѓународната заедница“,
рече Османи.
