„Понекогаш јавноста очекува од мене да бидам поостар, меѓутоа тоа не е моја работа. Моја работа е да го заштитам погледот што го имаат 27-те земји членки кон Република Северна Македонија и се разбира да ги ставиме сите дипломатски инструменти на располагање, но не и јас да изградам политички профил јавајќи на бранот на емоциите на јавноста. Тоа нема да го направам никогаш, ќе прифатам да бидам изложен на секојдневни критики, но сметам дека овој курс, кој сметам дека е единствениот правичен и праведен, јас ќе го задржам“, изјави шефот на дипломатијата Османи
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска изјави дека, иако јавноста понекогаш од него очекува да биде поостар во однос на провокациите што доаѓаат од Бугарија, тоа никогаш нема да се случи бидејќи, како што рече, тоа не е негова работа.
„Моја работа е да го заштитам погледот што го имаат 27-те земји членки кон Република Северна Македонија“,
истакна Османи одговарајќи на новинарско прашање, а во контекст на обвинувањата кои доаѓаат од Софија за наводно систематско насилство врз Бугарите во земјава.
Аргументите, истакна Османи, се на наша страна и мора да се покажеме мудри и зрели, како што сме биле сиве овие години.
„Мора да ја задржиме поддршката од нашите европски партнери. Засега имаме само пофалби на начинот на кој се однесуваме во овој негативен дискурс во кој сме влезени со Република Бугарија. Мислам дека не е во наш интерес да влеземе во вителот на бугарските избори. Имаме доста наши избори уште бугарските ни требаат, па комплетно да си ја нарушиме нашата внатрешна динамика“,
рече шефот на дипломатијата.
На сите навредливи и провокативни пораки што доаѓаат од Бугарија, посочи Османи, Министерството за надворешни работи одговора соодветно, со сите дипломатски инструменти, водејќи сметка истовремено европските партнери континуирано да бидат информирани за тоа.
„Но, не сметам дека јавноста треба да биде вовлечена во некакво прекршување со јавноста во Република Бугарија. Тоа не е во интерес на граѓаните затоа постои дипломатијата затоа постојат институциите за да се грижат за тие интереси на државата. Оттука не сакам да продолжам со некакво јавно препукување со Република Бугарија. Граѓаните да си бидат спокојни дека има институции што ќе се грижат за нашите интереси, а ние ќе ја продолжиме таа битка за докажување дека аргументите се на наша страна“,
рече Османи.
Тоа не значи, посочи тој, дека земјава не треба да покаже и да го дуплира интересот кон помалите заедници, вклучувајќи ја и бугарската заедница, доколку таа покажува интерес за повеќе грижа во државата. Затоа, истакна тој, се и сите овие обиди за комуникација, меѓутоа не и да се злоупотребуваат изолирани инциденти за да се создаде слика во светот дека тука се води системска репресија врз заедниците, затоа што тоа не е така, дециден е шефот на дипломатијата, алудирајќи најверојатно на претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, македонски државјанин кој се декларира како Бугарин.
„Важно e кој ќе остане ставот на останатите (земји членки на ЕУ н.з.) затоа што ако тој став (на Бугарија н.з.) го прифатат ние тогаш немаме игра. И затоа мојата задача е поинаква од тоа што понекогаш се очекува од јавноста. Понекогаш јавноста очекува од мене да бидам поостар меѓутоа тоа не е моја работа. Моја работа е да го заштитам погледот што го имаат 27 земји-членки кон Република Северна Македонија и се разбира да ги ставиме сите дипломатски инструменти на располагање, но не и јас да изградам политички профил јавајќи на бранот на емоциите на јавноста. Тоа нема да го направам никогаш, ќе прифатам да бидам изложен на секојдневни критики, но сметам дека овој курс, кој што сметам дека е единствениот правичен и праведен, јас ќе го задржам“,
подвлече шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Претходно на прес-конференцијата со својот чешки колега Јан Липавски, кој денеска е во официјална посета на земјава, Османи одговарајќи на новинарско прашање упати порака до Република Бугарија дека е време, како што рече, да го прекинеме циклусот на негативни односи кој не е во интерес на двете држави.
Земјава е позната по односот кон индивидуалните и колективните права на граѓаните, што е најсветлата точка на нашиот имиџ, рече Османи алудирајќи очигледно, но без конкретно да ја спомене, на декларацијата на сега веќе распуштеното 48. Народно собрание на Бугарија со која официјална Софија го осуди наводното систематско насилство врз Бугарите во земјава.
Османи изрази надеж дека неговата порака ќе биде добро прифатена од Бугарија, од каде очекува позитивен одговор.