„Секоја карика од системот за безбедно одржување на Министерскиот совет е во функција за да гарантираме беспрекорен тек на настанот“, напиша шефот на дипломатијата на Фејсбук
Министерот за надворешни работи Бујар Османи одржал координативен состанок со претставници на Клиничкиот центар во Скопје, како дел од подготовките за претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје, до кој остануваат уште пет дена.

Османи за состанокот информира преку објава на неговиот официјален фејсбук-профил, споделувајќи и фотографии од координацијата.
„Координација со Клинички центар. Секоја карика од системот за безбедно одржување на Министерскиот совет е во функција за да гарантираме беспрекорен тек на настанот“,
напиша шефот на дипломатијата на социјалната мрежа.
Над 1 000 гости од 76 делегации ќе присуствуваат во Скопје на министерскиот годишен собир на ОБСЕ што ќе се одржи од 29 ноември до 1 декември. Тоа ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, најави Османи на почетокот на месецот.
Министерот денеска направи и своевидна ретроспектива на едногодишното претседавање на С Македонија со ОБСЕ, со кое според него земјава одиграла клучна улога на меѓународната политичка сцена.
„Додека приоритет ѝ беше даден на Украина и на решавањето на последиците од руската воена агресија, ние имавме за цел да ја одржиме доследноста на нашите принципи низ целиот регион на ОБСЕ, со посебен фокус на долготрајните конфликти, зголемените тензии и нивните последици врз луѓето, како и ставање на располагање на алатките на ОБСЕ на оние кои имаат потреба од нив“,
вели шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Тој пред две недели во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, зборуваше за организацијата на Министерскиот совет на ОБСЕ, а посочи и дека нема никакви индикации дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на настанот.
Во однос на доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лаворов, Владата денеска донесе одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Сепак, одобренијата за прелет и слетување на рускиот воздухоплов, како што соопштија од Владата, ќе треба да ги донесат министерствата за надворешни работи и за одбрана.
Одлуката со која се изменуваат конкретните рестрикции кон Руската Федерација, како што посочуваат од Владата, е согласно регулативата на Европската Унија и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции, како што е ОБСЕ, се предвидени исклучоци.
Сепак, засега сè уште останува неизвесно доаѓањето на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет.