Пред спортскиот центар се паркирани повеќе автомобили и неколку мини комбиња, сите во црна боја. Возилата ќе бидат наменети за министерските делегации од земјите членки на ОБСЕ кои ќе учествуваат на конференцијата во Скопје од 29 ноември до 1 декември
На помалку од една недела пред почетокот на конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, на паркингот кај салата „Борис Трајковски“ веќе се паркирани дел од возилата кои Министерството за надворешни работи (МНР) ги изнајми за потребите на состанокот.

Пред спортскиот центар се паркирани повеќе автомобили и неколку мини комбиња, сите во црна боја.

Изнајмените возила ќе бидат наменети за околу 70 министерски делегации од земјите членки на ОБСЕ кои ќе учествуваат на конференцијата во Скопје од 29 ноември до 1 декември.

За наемот на околу 175 возила за потребите на собирот на ОБСЕ, Министерството за надворешни работи склучи рамковен договор во вредност од 919 305 евра со компанијата за промет, трговија и услуги „АБЦ рент а кар турс“ од Скопје. Покрај автомобили, за потребите на состанокот, компанијата добитник на тендерот на МНР треба да изнајми и 25 минибуси, десет автобуси и 35 мини комбиња кои ќе се користат од 7 до 8 дена.
Во однос на трошокот на МНР за наем на возила за претстојниот министерски совет на ОБСЕ, шефот на дипломатијата Бујар Османи во неодамнешното интервју за „360 степени“ кажа дека само една фирма се пријавила на тендерот и оти не знае дали позадински имало договарање меѓу компаниите. Тој нагласува дека се работи за рамковна спогодба и дека не значи оти ќе се потроши вкупниот износ.
За реконструкција на салата „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок, МНР претходно склучи договор со компанијата „Еуровиа“ од тетовско Желино. Дел од медиумите тогаш објавија дека компанијата е донатор на ДУИ од чии редови доаѓа Османи. Тој, пак, рече дека е избрана најевтината понуда, а дека не знаел оти фирмата е донатор на ДУИ.