За иселувањето на младите, велат од опозицискиот СДСМ, претседателката Сиљановска-Давкова треба да му каже на Мицкоски дека се случува поради криминал, корупција и изолација создадени од неговата власт, а не поради некој друг
По обраќањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод Илинден, во кое кажа дека државата се чува со вложување во младите, со мудра надворешна политика и со национално помирување, опозицискиот СДСМ ја повика ова да му го пренесе на својот, како што велат, партиски колега Христијан Мицкоски.

Според СДСМ, Сиљановска-Давкова треба да му каже на Мицкоски дека младите се иселуваат поради криминал, корупција и изолација создадени од неговата власт, а не поради некој друг.
„За мудрата надворешна политика нека му каже дека ‘ќе чекаме децении’ и ‘збогум Европа’ не е мудра политика. Тоа е политика на намерна блокада и пропаст. За националното помирување нека му каже дека помирување не се прави кога граѓаните ги нарекуваш ‘талог на општеството’, ‘мочуриште’, ‘медиокритети’ и ‘лешинари’. Не се прави помирување кога 40 проценти од медиумите систематски делат народ на ‘предавници’ и ‘патриоти’“,
реагираат од СДСМ.
Опозиционерите велат дека помирување не се прави ниту кога се води антиевропска кампања и кога во земја членка на НАТО доминираат српскиот свет и руските интереси.
„Ако претседателката навистина мисли што рече денеска – нека му го каже тоа на Мицкоски. Тоа би значело нешто не само за младите, туку за сите граѓани кои сакаат подобра иднина во сопствената татковина“,
додаваат од СДСМ.
Во своето обраќање по повод Илинден, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, меѓу другото, порача дека државата се чува и се брани со демократски политички систем, со уставен патриотизам, со вложување во младите, со мудра надворешна политика и со национално помирување.
