Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, вчера, коментирајќи го завчерашното писмо потпишано од високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него
Глупости кои не заслужуваат коментар. Вака денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи ги коментираше информациите дека е понудена негова оставка за да се смири незадоволството во ДУИ од група членови кои викендов излегоа со писмо во јавноста
„Ги видов коментарите, тоа се глупости кои не заслужуваат коментар. Тоа е лажна вест и шпекулација која не заслужува коментар и нема никаква основа“,
одговори Османи денеска на брифингот по враќањето од Њујорк.
На прашањето дали има раскол во ДУИ, тој рече дека се работи за партија со голема внатрешна демократија, но на крајот сепак последниот збор го има лидерот Али Ахмети.
„Во ДУИ има голема внатрешна демократија и секој има право да каже свој став, а последниот збор го има Ахмети. Тој вчера го кажа својот став и тука завршуваат сите дебати во ДУИ и си продолжуваат сите со своите ангажмани. Јас не би можел ништо да додадам повеќе“,
рече Османи.
Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, вчера, коментирајќи го завчерашното писмо потпишано од високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без него.
„Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“,
коментира првиот човек на интегративците.
Според Ахмети, ова не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.
Во саботата истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку јавно писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“. Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело што, пак, резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
Писмото до медиумите беше лиферувано од службената електронска адреса на Општина Чаир.
ТВ 21 објави дека за да се смири незадоволството на оваа група членови била понудена оставката на Османи која, пак, била одбиена од групата.