Од МНР денеска преку соопштение до медиумите се извинија за, како што велат, ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата со Османи и Фајон, кога наместо словенечкото беше употребено знамето на Словачка. Со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација, од Министерството додаваат дека дополнително ќе ги зајакнат протоколарните проверки
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера ја пречека својата колешка, министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, со знамето на Словачка за време на нивната тет-а-тет средба во кабинетот на МНР.


За време на заедничката прес-конференција на Фајон и Османи, пак, во заднина беше исправното знаме, односно знамето на Словенија.

Од Министерството за надворешни работи денеска преку соопштение до медиумите се извинија за, како што велат, ненамерниот пропуст при употребата на малото знаме на тет-а-тет средбата со Османи и Фајон, кога наместо словенечкото беше употребено знамето на Словачка.
„Иако не може да има оправдување за направениот пропуст, министерката со целосно разбирање ја прими грешката како ненамерна, без никакво влијание врз успешноста на средбите и посетата“,
посочуваат од МНР.
Со цел во иднина да не се повтори ваква ситуација, од Министерството додаваат дека дополнително ќе ги зајакнат протоколарните проверки.
„Во исто време дозволете да информираме дека состанокот, како всушност и целата посета на министерката Фајон помина во исклучително позитивна и пријателска атмосфера со важни пораки кои беа разменети и на самите состаноци, но и испратени во јавноста“,
заклучуваат оттаму.