И министерот Османи и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ сметаат дека има доволно време за спроведување на уставните измени. Од друга страна, опозицијата бара седницата да се закаже веднаш, а доколку власта нема 80 пратеници, тогаш да се оди на предвремени парламентарни избори
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи вели дека државата има 16 месеци за да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот. Тој во интервју за ТВ 21 рече дека не ни преостанува ништо друго освен да ги спроведен уставните измени, но и оти има доволно време за да се направат измените.
„Во овој период кога ќе констатираме дека бројките се за уставни измени. Имаме околу 15-16 месеци да ги направиме овие уставни измени, додека не заврши скринингот. Во моментот кога ќе заврши скринингот, тогаш требаше да завршиме со уставните измени. Мислам дека имаме доволно време, 16 месеци, да направиме уставни измени“,
рече Османи.
Министерот за надворешни работи вели дека Бугарија нема дополнителни барања и оти се е дефинирано. Според него, оваа година е историска за Северна Македонија.
„Со протоколот потпишан минатиот месец ги дефиниравме очекувањата на двете страни. Исто така во рамките на преговорите, она што е дефинирано таму. Почнавме разговори со ЕУ, по 17 години и сега почнува скрининг-процесот. Ова е историска година за нас“,
рече Османи.
Дека Северна Македонија има доволно време за да ги спроведе уставните измени смета и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој вчера на прес-конференција рече дека сега е рано за да се зборува за уставните измени бидејќи скринингот дава доволно време за тие да се изведат.

„Сите опции се на располагање. Ние како Влада ќе понудиме платформа за поддршка на европските интеграции и сигурен сум дека ќе има можност таа платформа да ја подржат широк консензус на пратеници во Собранието“
рече Маричиќ во однос на можните опции за обезбедување на двотретинско мнозинство за промена на Уставот за вметнување на Бугарите во Преамбулата.
Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ бара собраниската седница за уставните измени да почне веднаш. Тој вели дека доколку власта обезбеди 80 пратеници за да ги спроведе тој ќе ја напушти политиката, но во спротивно да се спроведат предвремени парламентарни избори.

„Во првиот случај, ако навистина верува власта (како што брифира, директно или преку своите инсталации) дека има 80 пратеници, тогаш нема подобар начин да се потврдат тие политики и да се “вивнеме” со нив кон европските височини, а и ќе се спасат од мене во политиката, та нели е тоа цел во една политичка борба. Во вториот случај да одиме на предвремени избори и да оставиме народот да избере влада која ќе има народен кредибилитет, а не ваков инсталиран каков што има оваа влада. Фер понуда…, искрен да бидам очекував сериозно да размислат и барем еднаш да го стават државниот и народен интерес пред личниот (велам личен бидејќи таму веќе нема ниту партиски).“
вели Мицкоски во Фејсбук статус објавен вчера.