Во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Кале”, каде под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“ се одржуваше партиската конвенција, Османи вети дека со севкупниот дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата
Предизвиците се големи, но и можностите се големи, битно е да биде вистинскиот човек на вистинска функција, порача вечерва кандидатот на ДУИ за претседател на државата и актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Кале”, каде под мотото „Дојде време за првиот претседател Албанец“ се одржуваше партиската конвенција, Османи вети дека со севкупниот дипломатски багаж ќе се бори за да се подобрат состојбите во земјата.
„Нашата иднина е во ЕУ и ова мора да им го исполниме на граѓаните. Мора да го запреме одливот на младите, мора да се инвестира во економијата, мора да се вложува во образованието согласно светските стандарди“,
рече Османи.
Тој напомена и дека ја има добиено „севкупната надворешна поддршка“.
По Османи, пред присутните во салата се обрати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Ние 23 години не сме изгубиле никогаш. Математички или практично, нас не поддржуваат и во најтешките моменти. Сме инвестирале во капацитетите и во кадрите за подобро утре и така ќе продолжиме. Со нас не е лесно да се мерите. Тука сме сите ние што отвораме нови хоризонти. Ние сме стабилност и мир и добра европска иднина“,
рече Ахмети.
На конвенцијата кусо се обрати и техничкиот премиер Талат Џафери, а пред почетокот се обрати и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Покрај високото партиско раководство, на конвенцијата беа присутни членови на партијата, симпатизари и гости.
Според Државната изборна комисија (ДИК), Османи ги собра потребните 10 000 потписи од граѓаните заклучно со 26 февруари годинава. Податоците на ДИК од 7 март до 20 часот покажуваат дека Османи има собрано вкупно 11 085 потписи.
Информацијата дека Османи ќе биде претседателски кандидат на ДУИ на претстојните избори ја соопшти партискиот лидер Али Ахмети од седиштето во Мала Речица.
Министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на ДУИ, Османи, смета дека каков и да е исходот од изборите, ДУИ ја има формулата како да се оди кон албански претседател, а тоа е преку избор во Собранието.
„Впрочем, со години зборуваме дека процесот на избор на претседател е едностран, моноетнички, исклучувачки и Албанците не се одлучувачи. Мислам дека има сериозни шанси со оваа кандидатура првиот албански претседател да биде избран на непосредни избори, ако не, тогаш единствената опција е да се направат уставни измени и претседателот да биде избран во парламентот“.
изјави неодамна Османи во интервју за „Топ ченл Албанија“.
Тој нагласи дека промената на формулата за избор на шеф на државата е еден од условите на ДУИ за постизборни сојузи.