Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Париз денеска разговараа со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на францускиот претседател Емануел Макрон, при што истакнаа дека земјава очекува консензус во ЕУ за одлука за отворање на преговори пред мајскиот Самит во Загреб.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, Османи укажал дека првичните впечатоци се дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори во секоја смисла, како од аспект на силната политичка контрола и водење на процесот, така и во смисла на неговата кредибилност, предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги.
Димитров, пак, потенцирал дека сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап.
Во рамки на посетата на Париз, Османи и Димитров ќе имаат средба и со Амели де Моншалан, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, а ќе се сретнат и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при владата на Франција, Сандрин Годен.
Денешната посета на Француската Република на вицепремиерот Османи и на министерот Димитров се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со остварувањето на стратегиската цел за добивање одлука за почеток на пристапните преговори.